Skip to main content

13 август – Светски ден органодарителство: Едно семејство со хумана одлука спаси два човечки живота во Македонија

Министерство за здравство

Во пресрет на 13 август – Светски ден на органодарителство, Македонија се приклучува на светската иницијатива за подигнување на свесноста за значењето на дарувањето органи, а од Министерството за здравство се заблагодаруваат на сите семејства кои со својата одлука подариле живот.

Постојат одлуки што ја менуваат смислата на зборот „живот”. Одлуки донесени во најтешките мигови, кога болката е најголема, а срцето сепак избира да даде согласност.

Токму таква одлука, донесена од едно семејство минатиот месец, денес значи нов почеток за двајца пациенти. Со нивната хумана согласност за органодарителство, беше извршена трансплантација – и два живота добија нов, квалитетен продолжеток.

Зад секојa трансплантација стои тим, но пред сè стои една хумана одлука. Таа одлука е она што го прави можно чудото на новиот живот, порачува проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Зад секоја трансплантација стои приказна за храброст. Приказна за семејство, кое во моментот на најголема загуба, помислило на некој друг. И приказна за пациенти кои денес дишат, живеат и се враќаат кон своите најблиски благодарение на тој гест.

Органодарителството не е само медицински чин, тоа е чин на длабока човечност. Секое „ДА” за донирање е потенцијална втора шанса за некој што чека.

Секоја трансплантација е доказ дека и во најтешките мигови луѓето наоѓаат сила да мислат на другите. Благодарност до секое семејство што избра да подари живот, потенцира министерот за здравство, Сашо Клековски.

Поврзани вести