
Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ кулминира во сабота со две исклучителни гостувања од регионот, кои ја затвораат натпреварувачката програма.
Фестивалскиот ден започна со интересна работилница „Како да се направи кукла“ под менторство на Ирина Сомборац.
Утринската претстава, од 12 часот се одржа во Театар Комедија – „Како оздраве Штурецот“ од Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, Србија прикажа музички и визуелно раскошен спектакл. Под режисерската палка на Никола Завишиќ и со обемен ансамбл – вклучувајќи ги Дубравка Ковјаниќ, Катарина Димитријевиќ, Никола Малбаша и Никола Керкез – претставата според делото на Тон Телехен нуди живописна приказна раскажана преку музика, глума и мултимедиални содрини кои ги опфаќаат темите со кои се обременти и денешните деца и младинци – тагата, празнината, недостаток од мотивација, но и триумфот над нив.
Последната фестивалска вечер е посветено на младинската публика со претставата „Сино“ од Куклениот театар „Хоп Сињор“ од Атина, Грција. Авторот и режисер Танос Сиорис донесува провокативен објект-театар, составен од низа кратки, брзи и трагикомични ситуации со полицајци како главни ликови. „Сино“ хумористично ги истражува стереотипите, машкоста и дилемите кои се јавуваат при почитувањето на наредби, нудејќи комплексен и критички поглед на спроведувањето на законот. Претставата ќе започне во 19,30 часот на сцената на Театарот за деца и младинци.
Со овие две претстави и целата внимателно избрана програма фестивалот ја зацврстува својата мисија: да го промовира најдоброто од светската продукција за деца и млади, која е едукативна, ангажирана и инспиративна.