Skip to main content

Со „Госпоѓа министерка“ на велешкиот театар почнаа Денови на комедија во Куманово

Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово

28. издание на Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово го отвори Театарот од Велес со претставата „Госпоѓа министерка“.

Љубителите на комедијата ќе имаат можност да проследат 11 претстави од Македонија, Србија и Бугарија кои годинава ќе се најдат на репертоарот. Следните денови публиката ќе може да ги види претставите од повеќе македонски театри и од театри од регионот. На програмата се и: Театар Битола со „Рибарски каранции“; МНТ – Скопје со „Бог на колежот“; Театар Комедија – Скопје со „Долна дупка“; Театар Струмица со „Петок 13“; Театарот од Прешево, Србија, со претставата „Едно предавање“; театрите од Крагуевац со претставата „На трагот“; Театар Пирот од Србија со претставата „Покондирена тиква“; Сатиричен театар Софија со „Постојаната сопруга“.

Како и секоја година, Театар Куманово ќе го затвори фестивалот, овој пат со претставата „Разбуди се Тина“ во режија на Драгана Таневска, која премиерно ќе биде одиграна на 9 октомври, но и ден потоа, 10 октомври, при доделувањето на фестивалските награди. За огромниот интерес на фестивалот говори и фактот што само првиот ден откако билетите беа пуштени во продажба, имаше огромни редици пред Центарот за култура, во само првите два дена се продадоа скоро сите билети. Овој фестивал, се одржува под покровителство на Општина Куманово и Министерството за култура и туризам на РСМ.

Годинешново мото на Фестивалот е „Сите се смееме на ист јазик“.

Поврзани вести