
Со балетската класика „Лебедово езеро“ во изведба на НУ Национална опера и балет во Антверпен, денес свечено започнуваат „Деновите на македонската култура“ во Белгија , престижна манифестација што ја претставува македонската уметност во нејзиното најрепрезентативно и најсјајно издание пред европската публика. Националната опера и балет настапува со едно од највеличествените дела на класичниот репертоар, потврдувајќи го високиот уметнички стандард, дисциплината и сценската извонредност по кои институцијата е препознатлива. Настапот во Антверпен претставува силна афирмација на македонскиот на европската културна мапа.
На 4 мај, во Брисел, во кино-салата Cinema Galeries, ќе биде прикажан филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, како дел од современата македонска кинематографија со изразен авторски печат и меѓународен потенцијал.
На 5 мај, сцената на култниот Bozar ќе ѝ припадне на НУ Оркестар за џез музика на Македонија, кој ќе донесе динамичен концертен спој на македонскиот музички фолклор и современиот џез израз, во препознатлив енергичен стил.
До крајот на 2026 година, во Европскиот Парламент е предвидена и изложба на Теракотни икони од Виница, редок и исклучително значаен археолошки комплекс кој сведочи за богатото ранохристијанско културно наследство на Македонија.
„Деновите на македонската култура“ во Белгија претставуваат силна меѓународна презентација на македонската уметност, со која земјата се претставува како препознатлив, зрел и високо квалитетен културен чинител на европската сцена.

Македонски


