Skip to main content

Изложба на фотографии „Пркосните 12“ денеска во КСП Центар Јадро

Граѓанската организација ПРКОС со задоволство ве поканува на отворањето на изложбата „Пркосните 12“. Таа е завршница на нашиот тримесечен инклузивен курс за фотографија, под менторство на Драги Неделчевски.

Изложбата се состои од 30 портрети направени меѓу дванаесетте учесници во практичниот дел од програмата. Низ секоја од дванаесетте работилници, тие имаа можност да учат, истражуваат и создаваат преку медиумот на фотографијата. Но и да изградат простор на меѓусебно разбирање и помагање. Заедничката работа создаде силна поврзаност меѓу учесниците, а фотографијата стана средство за комуникација и експресија.

Дванаесетте пркосни фотографи(к)и, воедно и модели во фотографиите на своите колешки и колеги, со сета своја автентичност, се: Маја Цветаноска, Ирена Поповска, Љубинка Поповска, Вероника Љоровска, Марина Настевска, Сузана Стојановска, Никола Стојановски, Небојша Гелевски, Љубинка Брашнарска, Марија Савеска, Оливера Савеска и менторот Драги Неделчевски.

Курсот беше инклузивен во секоја смисла; и во однос на возраста, на попреченоста, на родот и на интересите. Меѓу учесниците брзо се створи спонтана интеракција, синергија и емпатија. И некако овие атрибути јакнеа секој следен час. А, да се спојат и сплотат вакви, такви и онакви учесници од 25 до 75 години е вистинско задоволство. Всушност, тоа беше таа толку посакувана инклузија преточена во реалност. 

Изложбата која прикажува портрети создадени за време на две фотосесии реализирани во рамки на курсот претставува значајна документарна трага за едно исклучително вредно човечно и креативно искуство. Таа е сведоштво на едно убаво време поминато заедно во кое секој стави и остави свој личен фотографски печат. 

Плакатот за изложбата го дизајнираше Вероника Љоровска.
Изложбата ќе биде отворена до 19.06.2026 меѓу 10 и 15:30 часот. Влезот е слободен. 

Поврзани вести