
Богатството на македонското културно наследство ќе биде претставено низ уметничките дела на некои од најзначајните македонски сликари и цртачи, на изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“.
Изложбата ќе биде отворена на 24 ноември, со почеток во 13 часот, во објектот „Мала станица“, а посетителите ќе имаат можност да погледнат околу 30 внимателно селектирани дела од богатата колекција на Националната галерија.
Посебен акцент е ставен на недвижното културно наследство на Македонија, преку уметнички претстави на цркви, манастири, џамии, амами, како и профани градби од различни региони на земјата.
Делата не ги прикажуваат само архитектонските и уметничките особености на објектите, туку претставуваат и значајни историски и документарни сведоштва за нивниот изглед, просторната структура, декоративните елементи и промените низ времето.
Преку сликарските и цртачките техники, посетителите ќе можат да видат како изгледале одредени градби и културни споменици во периодот кога биле овековечени од уметниците.
Меѓу авторите чии дела ќе бидат изложени се Љубомир Ивановиќ, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Ачески, Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници.
Најголемиот дел од изложените дела потекнуваат од првата половина на XX век, период во кој македонската ликовна уметност се развивала во допир со традиционалните вредности и современите модернистички тенденции.
Освен нивната уметничка вредност, сликите и цртежите имаат посебно значење и како визуелни документи за културниот простор на Македонија.
Со оваа изложба, Националната галерија отвора поинаков пристап кон претставувањето на сопствената колекција, откривајќи ја нејзината документарна вредност и улогата на уметничките дела во зачувувањето на културната меморија.
Раководител на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос, а соработник е м-р Владимир Таневски, кустос.
Изложбата претставува можност посетителите одново да го откријат богатството на македонското културно наследство, овојпат низ погледот и уметничкиот израз на авторите кои го забележале и овековечиле.

Македонски




