
Во прекрасниот амбиентален простор на Europe House Струга, синоќа се одржа поетска вечер под наслов „Тајнопис“, посветена на делото на великанот на македонската поезија Анте Поповски, а организирана во чест на 50 годишнината од објавувањето на неговата поетската збирка „Тајнопис“. Овој културен настан се случи пред полно гледалиште и мина во прекрасна атмосфера исполнета со силни емоции, а го органираа Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „АНТЕВО ПЕРО“ и Europe House Струга.
Вечерта беше отворена со видео запис со гласот на академик Анте Поповски, што потсети на богатството на неговиот збор и творештво, по што пред присутните беше прочитан и пригоден текст од поетот Славе Ѓорѓо Димоски за стихозбирката „Тајнопис“, која според овој знаменит македонски автор е едно од најзначајните дела во македонската книжевност и остави длабока трага во современата поетика.
Овој празник на убавиот поетски збор беше дополнително збогатен и со жив настап на дванаесет македонски поети од неколку генерации, кои со по две свои творби на најдобар можен начин покажаа почит на ликот, но пред сè грамадното творештво на Поповски. Во две поетски сесии со свои песни се претставија македонските поети: Мирко Томовски, Миладин Угреновиќ Мидвес, Димче Шипинкаровски, Марина Икономова Шокева, Зоран Јакимоски, Митре Манговски Радождански, Емануела Ковачевска Китановска, Светла Јакшиќ, Вероника Димоска, Ива Шајноска, Верица Мукоска и Мила Коруновска.
Во чест на 50 годишнината од објавувањето на поетската збирка „Тајнопис“ од Анте Поповски, пригодна реч беше испратена од поетот Славе Ѓорго Димоски кој е прв добитник на наградата „Антево перо“. Во продолжение ги споделуваме неговите размисли за збирката „Тајнопис“ и му се заблагодаруваме за учеството на одбележувањето на овој важен јубилеј.