
Седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, организирана од издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ е отворен и трае до 1 јуни 2025 година. Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември 2025 година.
За наградата „Пегаз“ можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо, што авторите ќе ги достават на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд- или ПДФ-документ.
Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.
Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
„Пегаз“ е производ на идејата за откривање на нови писателски гласови што ќе придонесат за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023) и „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024).