
Во четврток, на 18 септември, во 18 часот во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје ќе биде отворена изложбата Самостојна изложба на Џем A.: „Музеј отворен до понатамошно известување“. Изложбата ќе се отвори со „Крит клуб“ перформанс во 18,30 часот. Куратори на изложбата се Јованка Попова и Никола Узуновски.
„Крит клуб“ е перформанс на Џем A. во кој две екипи дебатираат на некое нереалистично прашање поврзано соуметноста. Во средина каде несогласувањето често може да е ризично, „Крит клуб“ создава простор за критичка игра.
Наместо молк или повторување пофалби, учесниците се охрабруваат да не се согласат – перформативно, како игра на улоги, како мисловен експеримент. Секоја дебата започнува со прашање што делува невозможно за одговор. Едната страна аргументира „за“, другата „против“, сè до моментот кога улогите се заменуваат. Перформансот се развива, а говорниците се снаоѓаат во сè поневозможно сценарио.
„Има ли уметност без публика?“ е прашањето на кое ќе дебатираат Искра Гешоска, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Кристина Леловац, со учество на претставници од Федерацијата за пеливанско борење на РСМ. Дебатата ќе ја модерира Артан Садику.
Перформансот е дел од самостојната изложба на Џем A. Во МСУ – Скопје насловена „Музеј отворен до понатамошно известување“.
Изложбата ќе биде отворена до 27 октомври 2025.
Изложбата е финансиски поддржана од Фондацијата Саха и Министерството за култура и туризам на РС Македонија.