
На 14 ноември, петок, во 19 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена ретроспективна изложба на слики “„55 години ликовно творештво на Боро Арсовски – Бабата“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.

Боро Арсовски – Бабата е роден 1952 година во с. Страцин, Република Македонија. Основно и средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Член е на УСУ-Галерија “Југославија” Белград. Од 1986 година членува во УСУ “Трета димензија” Белград. Учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во : Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски – Р. Хрватска, Сански Мост, Лукавац – Р. Босна и Херцеговина, Врање, Светозарево – Р. Србија, Требње – Р. Словенија. Има учествувано на преку 200 групни изложби и 5 самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и Скопје, за кои имало најголем интерес, најдолго се лицитирани и најскапо продадени. Неговите слики се наоѓаат во многу галерии, музеи и приватни колекции ширум светот. За творештвото на Арсовски се снимени 2 документарни филма. Едниот во продукција на Македонска Радио Телевизија, а вториот филм е снимен за меѓународениот филмски фестивал “Златни сунцокрет” во Р. Србија кој е награден со златна плакета.
Боро Арсовски – Бабата живее и работи во Куманово, како самостоен сликар – наивец и сопственик е на уметничка Галерија “Art Gallery Arsovski”.


Македонски








