Skip to main content

Прва проба на претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски во Драмски театар

Во Драмски театар се одржа првата проба на претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски.

„Мачкина глава“ е драмски текст на проф. д-р Венко Андоновски, македонскиот романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата. Тој е автор на 35 книги од најразлични жанрови, а неговите драмски текстови по кои се работени претстави се играат пред преполни салони. Освен десетиците книжевни домашни и меѓународни награди, добитник е и на наградата на ЕУРОДРАМ – за најдобри драми во Европа.

Директорот Роберт Вељановски на денешната прва проба го изрази задоволството што, актерите на Драмски, одбрани во оваа поделба, предводени токму од двоецот Пројковски-Андоновски, ќе ја имаат честа премиерата на претставата „Мачкина глава“ да ја играат на 21 април, денот на централната прослава за 80-годишнината на Драмски театар.

Режисерот Дејан Пројковски и авторот Венко Андоновски, кои имаат работено, сериозни продукции зад себе, токму во Драмскиот театар ја изразија големата доверба кон актерите и уметничкиот тим со кој ќе ја работат претставата. Андоновски во обраќањето кон актерите изјави: „Знам дека можете сѐ. Како автор, тука сум со вас и ќе бидам дел од процесот“. Навраќајќи се на драмскиот текст за кој смета дека е податлив за работа, појасни дека станува збор за текст кој се движи по опасната линија да западне во политизација на релација Исток-Запад, а ние сме како тампон-зона која треба да се определи, а изборот не е нешто голем.

Режисерот Пројковски кажа дека текстот е интересен и податлив за работа: „Тој нуди одлична матрица за градење на ликовите во претставата“. Режисерот очекува одлична претстава која ќе биде резултат на нивните средби, размена на енергии и светогледи. „Форматот на текстот има широчина во светската и домашната политика и промовира вредности.“

Во уметничкиот дел од тимот што ја подготвува премиерата на претставата „Мачкина глава“, режисерот ќе соработува со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, а музиката во претставата е на Горан Трајкоски. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.

Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески и Панзо – Предраг Павловски.

Премиерата на претставата „Мачкина глава“ е втора претстава од Годишната програма за работа на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година.

Поврзани вести