
„Сетило на врв планина“ е насловено првото илустрирано житие за Света Спаса Вишенска, што денеска беше промовирано во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Автор на делото е писателката Јасмина Кантарџиева Димков, а илустратор Викторија Попоска.
Житието, како што појасни за МИА уредникот на книгата отец Александар Димоски, се состои од седум поглавја, со по два цртежи или вкупно четиринаесет цртежи. Иницијативата, истакна тој, произлегла на минатогодишната прослава на Света Спаса Вишенска во разговор со авторката да го адаптираат житието на Света Спаса да биде достапно и разбирливо за деца.
Житието, како што истакна авторката, е создадено да биде разбирливо и инспиративно за најмладите, но и вредно четиво за возрасните.
– Промоцијата на „Светило на врв планина“ ја потврди важноста од создавање современи и визуелно привлечни дела, кои го оживуваат духовното и културното наследство на нашата земја, а одѕивот од публиката сведочи за зголемениот интерес кај јавноста за духовна литература наменета за најмладите, истакна Кантарџиева Димков.
„Сетило на врв планина“, како што истакна, е прво адаптирано житие за деца на македонски светител.
– Промоцијата неслучајно се одржува денеска, 25 мај, зашто на овој датум првпат ги прославивме светите исповедници Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, по нивната минатогодишна канонизација од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, додаде Кантарџиева Димков.
Промотори на делото беа писателката Верицa Мукоска и отец Александар Крстаноски, кои ја истакнаа потребата и значењето од вакви изданија за духовно оформување на децата и запознавање со историските вредности на земјата.