Skip to main content

Промоција на романот „Простување“ од Кица Колбе во „Буква“

Или-Или

На 11 април (петок), во 20:00, во кафе-книжарница „Буква“ ќе се одржи промоција на романот „Простување“ од Кица Колбе.
Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или со поддршка Министерството за култура.

На книжевно промотивната вечер со авторката ќе разговараат Калина Малеска и Игор Анѓелков, а настанот ќе го води Ненад Стевовиќ.

Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.

„Најновиот роман „Простување“, на еминентната македонска и германска прозаистка, филозофина и сликарка Кица Колбе, проникнат е од темите кои се доминантни во целиот нејзин раскажувачки опус: идентитетот, дислокацијата, меморијата, јазикот, создавањето и восприемањето на уметноста, суштинското промислување на човековата егзистенција, етичноста како еден од идеалите на човековото постоење. Инкарнирани преку ликовите, нивните животни судбини и нивните дејствувања во романот, овие теми поаѓаат од конкретното, индивидуалното, и се издигнуваат до универзалното и општочовечкото, обединувајќи ги низ густата раскажувачка постапка откривањето и соочувањето со сопствената, со наследената и со колективната траума, вели за романот Гоце Смилевски.

Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот.

Нејзини дела се: Егејци (Култура, Скопје, 1990), Снегот во Казабланка, (Три, Скопје, 2005 Магор, Скопје, 2007), Жените Гаврилови (Табернакул, Скопје 2008, Или-Или, 2021), Река во наследство, Ein Fluss als Erbe, ( Скопје и Лангенфелд, 2009), Витезот и Византијката (Или-Или, 2020), Земја на бегалци (Или-Или, Скопје, 2018, 2023).
Снегот во Казабланка е добитник на наградата Роман на годината 2006 а Жените Гаврилови во 2009 г. номиниран за наградата Балканика.

Кица Колбе последниве години е редовен колумнист во Дојче Веле.

Поврзани вести