
По повод државниот празник Ден на независноста на Македонија (8 Септември) на 10 септември (среда), со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи промоцијата на бугарското издание на романот „Од Mагла на југ до Mесечина на север“ од младиот македонски писател Виктор Петрески.
Бугарското издание на романот излезе оваа 2025 година, издавач е издавачката куќа КВЦ на Красимира Цонева, која што е и негов преведувач. За романот ќе говорат авторот и редакторите Елеонора Тодорова и Мариjан Петров.
Накратко за романот „Од Mагла на југ до Mесечина на север“ од Виктор Петрески:
Еден есенски ден во 1982 година, животот на Габриел Коловик, арогантен уметник и неуспешен писател, се превртува наопаку по смртта на неговиот татко, моќен индустријалец со темни тајни. За да го добие своето наследство, Габриел мора да го истражи неговото минато и да ја напише неговата биографија. Но, првите чекори го водат до мистериозни писма, тајни друштва и средба со човек кој ќе ги промени неговите идеи за животот и за себе.
Во далечната 1916 година, во бордел, натопен во чад и разочарувања, се раѓа момче по име Адам. Израснат меѓу жени отфрлени од општеството, тој сонува да добие моќ за да ги заштити слабите. Но, неговиот пат до власта го вовлекува во криминалниот свет, каде што секоја доблест може да стане оружје.
Романот ги испреплетува судбините на хероите во Европа од 20 век – од првите сенки на Големата депресија, преку ужасите на Втората светска војна, до темните улици на модерниот град. Ова е приказна за изборите што нè создаваат и за цената што ја плаќаме кога забораваме кои сме биле на почетокот.
Виктор Петрески е писател, продуцент и актер, роден во 1991 година во Скопје, Република Македонија. Завршува први циклус студии по компјутерски инженеринг, а подоцна и магистрирал по сценарија за кино. Уште од рана возраст покажал силен интерес за пишување, прво создавајќи научнофантастични приказни, а во тинејџерските години почнал да пишува приказни инспирирани од националната историја.
Дебитираше како писател со романот „Од Магла на југ до Месечина на север“, објавен во 2015 година. Книгата освои награда на литературен натпревар организиран од една од најстарите и најетаблираните издавачки куќи во земјата.
Во 2022 година, Виктор го направи својот прв игран филм, воениот документарец Siren Lullabies. Истата година, тој го продуцираше и краткиот психолошки трилер Lobus Frontalis. Освен што е писател и продуцент, тој има и долгогодишно искуство како актер во алтернативниот експериментален театар „Чекори“ во Скопјe, каде што играл шест сезони, учествувајќи во шест продукции, од кои четири во главни улоги.
Денес, Виктор Петрески продолжува да ги развива своите литературни и филмски проекти, комбинирајќи го своето технолошко образование со длабок интерес за уметност и раскажување приказни.