Skip to main content

Промоција на книгата „Со злато против смртта“ на Никос Чаусидис

Центарот за истражување на предисторијата и Националниот археолошки музеј, со особено задоволство, ве канат на промоција на книгата на проф. д-р Никос Чаусидис, со наслов:

СО ЗЛАТО ПРОТИВ СМРТТА: ИКОНОГРАФИЈА И СЕМИОТИКА НА РАНОАНТИЧКИТЕ ЗЛАТНИ ПОГРЕБНИ АПЛИКАЦИИ ОД МАКЕДОНИЈА

Промоцијата ќе се одржи на 20.12.2025 (сабота) во 19:00 часот, во Националниот археолошки музеј. Монографијата ги обработува погребните маски и другите златни покривки ставани врз телото на елитните покојници од Македонија во текот на VI и V век пред нашата ера. Преку анализа на формата, значењето и намената на овие наоди, како и преку нивно споредување со пишаните извори и со соодветни традиции присутни во други култури, авторот се стреми да реконструира некои аспекти од религијата и митологијата на популациите што ги произведувале и користеле овие предмети, и особено нивните претстави за вселената, смртта и посмртната судбина на човекот.

За книгата и темата на која таа се однесува ќе зборува д-р Перо Арџанлиев, истакнат специјалист од дадената област. Потоа, д-р Игор Ефтимовски, близок соработник на авторот и одличен познавач на темата, ќе поведе разговор со него, поврзан со најинтригантните прашања кои се загатнати во неговата книга. Настанот ќе биде проследен со изложба на реплики на златните маски и другите погребни апликации изработени од страна на проф. Чаусидис, а наменети за илустрирање на оваа публикација.

На промоцијата, покрај претставувањето на содржината на оваа електронска монографија, ќе биде ставен во функција и линкот за нејзино бесплатно преземање од веб-страницата на ЦИП.

Издавач на монографијата е Центарот за истражување на предисторијата, а промоцијата е организирана во соработка со Националниот археолошки музеј.

Поврзани вести