Во вторник, 21 јануари, со почеток од 19 часот, во Кинотека на Македонија, ќе се одржи промоција на книгата „Гледна точка“ на авторот Јани Бојаџи, македонски режисер, продуцент и сценарист.
,,Дали навистина сум таков во текот на работа на сет или пак можеби не сосема? Со нетрпение чекам да видам дали е така како што сум пишувал?’’ ,вели Бојаџи во најавата за промоцијата на книгата.
Водител на настанот ќе биде Александар Русјаков, а искуства ќе споделат и неколку актери, директори на фотографија и монтажери, соработници на Бојаџи.
Авторот најавува и специјално изненадување за сите кои ќе дојдат на промоцијата и ќе бидат дел од забавата. Ќе биде покажан трејлер од долгочекуваниот нов проект „Утре наутро“!
„Книгата ,,Гледна точка” навидум зборува за работи за кои зборуваат, повеќе или помалку, на овој или оној начин, и сите многубројни учебници по режија и слични прирачници: основите на филмската режија, работата на режисерот, соработката со кинематограферот, со продуцентите, актерите итн. Но, она што ја прави оваа книга посебна, специфична, е тоа што таа е сосема лично видување на авторот на сите овие процеси, кое произлегува од неговото образование и досегашното работно искуство на филмот и телевизијата. Оттаму, и јазикот на книгата е искрен, отворен и авторот без задршки, храбро, анализира многубројни теми кои влегуваат во неговиот фокус, изнесувајќи сосема лични ставови и констатации. Оттаму, не случајно и книгата завршува со ставот на авторот: „Ова е мојата гледна точка!“вели д-р. А. Чуповски.
Јани Бојаџи е познат македонски режисер, продуцент и сценарист, кој зад себе има повеќе од десетици филмски и телевизиски проекти. Тој е доктор на науки, професор по филмска и телевизиска режија на Интернационален Универзитет Europa PRIMA и од 2019 година, е директор на Телевизија Алфа. Во 2013 година, се вработил во Канал 5, каде бил режисер, сценарист и извршен продуцент на серијалот „Македонски народни приказни“ и играни и документарни филмови, каде работел до 2017 година.
Во март 2023 година, Бојаџи станува основач на платформата „Кинемое” која е наменета за македонска продукција за филмови и серии. Тој е директор на Фестивалот „Преку езерото“, кој се одржува еднаш годишно во Дојран од 2023 година. Бојаџи, има напишано повеќе од 50 колумни за весникот „Нова Македонија“, за театар и филм.Тој им се заблагодарува на сите кои биле причина и инспирација да го создаде ова авторско дело од триста и кусур страници пишувани со љубов и страст кон филмот и уметноста на екранот, во безмалку три, за, како што вели, многу лути и многу слатки години, во исто време!Книгата „Гледна точка“ може да се купи во книжарницата „Или-или“.