
На 25 јуни 2025 година со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет, ќе се одржи премиерата на новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Густав Флобер. Ова сценско остварување е посветено на јубилејот од 25 години уметничка дејност на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска која со својата енергија, емоција и посветеност остави длабок белег во историјата на македонскиот балет.
Втората изведба на балетот е закажана за 27 јуни, 20.00 ч.
Ова балетско дело, поставено во два чина ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страст, слобода и трагичниот судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло дизајн, Милчо Александров, а концерт-мајстор е Климент Тодороски, генерален менаџер на проектот: Киро Павлов.
Кичевска Шокаровска ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (аптекар) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.