Skip to main content

Претставата „Ана Каренина“ во адаптација и режија на Дејан Пројковски продолжува со својата успешна серија изведби: Премиера во Турција и пет распродадени изведби

 Во Државниот театар во Ван, Република Турција, со голем успех се одржа премиерата на театарската претстава „Ана Каренина“, во адаптација и режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски. Овој сценски спектакл, инспириран од безвременскиот роман на Лав Толстој, предизвика воодушевување кај публиката и критичарите, најавувајќи долг сценски и фестивалски живот, информираат од Македонски културен центар во Истанбул.

-Ова е моја втора претстава во Турција, по истанбулската „Ромео и Јулија“, која беше прогласена за најдобра претстава на годината. По реакцијата на премиерната публика и новинарите, мислам дека „Ана Каренина“ е претстава која ќе има долг сценски и фестивалски живот. Доказ за тоа се и првите пет комплетно распродадени изведби. Заедно со мене во Државниот театар – Ван беше и мојот авторски тим: кореографот Олга Панго, сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски, изјави режисерот Пројковски по премиерата.

На настанот присуствуваше и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја истакна важноста на ваквите соработки кои водат кон продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Турција.

-Театарот отсекогаш бил простор на дијалог, емоции и идеи. Вечерва, преку оваа маестрална адаптација на безвременската приказна на Толстој, уште еднаш се потврди дека уметноста не познава граници. Македонскиот и турскиот театар имаат богати традиционални врски, а ваквите соработки се сведоштво за заедничката желба да се создава уметност која инспирира, поврзува и остава трага, изјави Ратајкоски.

Претставата „Ана Каренина“ продолжува со својата успешна серија изведби во Ван, со распродадени билети за првите пет претстави, што е јасен показател за големиот интерес на турската публика кон оваа турско-македонска театарска продукција. По изведбите во Ван, претставата ќе продолжи да се игра и во театрите во Анкара и Истанбул.

Поврзани вести