
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило грубо насилство врз лекар-гинеколог во поликлиниката „Букурешт“. Осомничениот се товари за кривично дело „Насилство“ од член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според информациите од истрагата, инцидентот се случил на 16 септември во приватна ординација лоцирана во склоп на поликлиниката. Осомничениот влегол во ординацијата каде што лекарот бил на своето работно место, по што започнал да му упатува сериозни закани, а потоа и физички го нападнал со повеќе удари. Со ваквото насилничко однесување, напаѓачот предизвикал чувство на несигурност, загрозеност и страв и кај останатите присутни лица во ординацијата.
Надлежниот јавен обвинител веќе достави предлог до судијата на претходна постапка за определување на повеќе мерки на претпазливост. Со овие мерки треба да се обезбеди присуството на осомничениот во текот на постапката, а истовремено му се изрекува и експлицитна забрана за приближување до оштетениот лекар, како и до самата ординација каде што е извршено делото.
Извор: 4news.mk

Македонски


