Skip to main content

Премиерна изведба на кореодрамата „СамоТи(И)Ја“ вечерва во КСП-Центар Јадро

КСП Центар-Јадро

Премиерна изведба на кореодрамата „СамоТи(И)Ја“

10 април (четврток) | 20.30 часот

Проектот „СамоТи(И)Ја“ е кореодрама која раскажува за истражувањето и себе-истражувањето низ еден процес кој ќе ги поведе перформерите, како и публиката во еден поинаков сценски израз, преку кој двајцата перформери ќе раскажат едноставна, а многу силна и впечатлива приказна. Ова е перформанс за вечната потрага по љубов, која понекогаш знае да задоцни, некогаш да ја одминеме, а некогаш и да помислиме дека нема да дојде никогаш, за тогаш кога најмалку очекуваме да нѐ изненади во најубавата форма. Две личности, се бараат меѓусебно насекаде и во секакви форми, преку разни инстинкти – допир, поглед, мирис… и сѐ почнува од мирисот како знакот кој е предводник во потрагата и пронаоѓањето еден со друг во овој свет. Приказната се одвива во време кое не постои, кое е сега и тука и засекогаш останува зацементирано во еден магичен круг на двајца кои не можат еден без друг и имаат само едно срце кое не може да се подели на две. Проектот „СамоТи(И)Ја“ е трет авторски проект на Бојан Лазаров и Енџи Николоска каде двајцата перформери го истражуваат телото и просторот како инструмент за раскажување на приказни кои допираат и комуницираат со публиката на неконвенционален начин.

Бојан Лазаров е актер, танчер, перформер и едукатор од Република Македонија. Студирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје и на Факултетот за музичка уметност, каде дипломирал во областа балетска педагогија. Работи како доцент на Факултетот за драмски уметности и има учествувано во бројни театарски и танцови проекти, како и интернационални работилници под водство на познати театарски мастери.

Енџи Николоска е дипломиран драмски актер од Факултетот за драмски уметности во Скопје. Нејзината кариера вклучува учество во меѓународни фестивали за монодрама и независна сцена, како и креирање на кратки филмови инспирирани од поезија. Исто така, е дел од театарски и танцови перформанси, и настапува како „жива статуа“ на улични и филмски фестивали во Македонија и странство.

Поврзани вести