Skip to main content

Почина поетот, писател и преведувач Тихомир Јанчовски

Фејсбук профил на Тихомир Јанчовски

Ненадејно, на 58-годишна возраст почина Тихомир Јанчовски, поет, писател и преведувач, објави семејството на социјалните медиуми.

Јанчовски е роден во 1967 во Скопје. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, 1991 година. Специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централно Европскиот Универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ, 2010. Се занимава со поезија, превод, медиевистика.

Досега објавил над триесет книги, главно поезија, преводи, романи и една книга историја. Има правено и претстави. Во 2024 со Бранислав Николов го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, присутен е во голем број антологии, а има и четири целосно преведени книги на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.

Од 2013 до 2016 објавувал колумни во Утрински весник, во рубриката „Рурбано“. Има издадено и книга колумни „ Како ми скроија капа и други записи“ (декември 2018). Од 2021 објавува колумни во месечникот „Економија и Бизнис“.

Ги објави книгите:

Обични зборови, Табернакул, 1999;
Два, Кинематика, 2002;
Последно време, Блесок, 2005;
Осама, Или-или, 2010;
О, ти, Темплум, 2011;
Староста може, а и не мора да се дочека, Матица, 2013;
Од збор до збор, (избор), Антолог, 2016;
Игла и конец, Матица, Скопје, 2016;
Godine, Buybook, Sarajevo, 2017;
The noise of Loneliness, Inner Child Press, New Jersey, 2018;
Влакно на јазикот, Матица македонска,2018;
Лидија или сѐ што знам за жените, во сопствено издание од 2018 е негов прв поетски роман.
Како ми скроија капа, колумни, Матица, Скопје, 2018
Тихување, сопствено издание, 2019
Лидија, или сѐ што знам за жените (аудиокнига), 2019
Сѐ што знам за животот, роман-дневник, сопствено издание, Скопје, 2020
Пред некое време, Стрип Квадрат, Скопје, 2021
Несреден век, Стрип Квадрат, Скопје, 2021
Приказни за деца и животни, Сивејан, Скопје, 2022
Патина, роман-дневник, Стрип Квадрат, Скопје, 2022
Ден-година, сопствено издание, Скопје, 2023
Малата Мечка и Големата Мечка, Сивејан, Скопје, 2024
Граматика на љубовта, самиздат, 2024
Пристоен предлог и други песни, Сивејан, Скопје, 2024
Пеколот е мало место, Макавеј, Скопје, 2025
Игла и конац, Бернар, Београд, 2025

Останати дела од авторот

Св. Пантелејмон, Нерези, историја, архитектура, живопис (мултимедијално ЦД, комплетно авторство Т.Ј) , Табернакул, Скопје, 2000
Пештерските цркви во Македонија (сценарио за док. филм) , Дигитпроп, Скопје, 2001
Монаштвото во Македонија (1944-2007), Сигмапрес, Скопје, 2010 (современа историја).
Ќелешот и змијата, адаптација за претстава, 2023

Преводи

Ава Антониј, Атанасиј од Александрија,Табернакул, Скопје, 1997
Историја на светот, Плантаџенет Сомерсет Фрај, Просветно дело, Скопје, 2001
За молитвата, извадоци од Добротољубието, Taбернакул, Скопје, 2004
Живи мошти, Иван С. Тургењев, Православен пат, Скопје, 2007
Нерези, Донка Б. Трајковска (на англиски), Сигмапрес, Скопје, 2006
Три најважни вистини за човекот, Иван Маринковиќ, Скопска Митрополија, 2008
Пиратологија, Даглас Хир, Табернакул, Скопје, 2008
Компаративен уставен инженеринг, Џовани Сартори, Табернакул, Скопје, 2009
Корупција и власт, Сузан Роуз Ејкерман, Центар за граѓански комуникации, Скопје 2012.
Господар на Скопје и други песни, Ахмед Буриќ, Готен, Скопје, 2015
Два света, превод на Мевлана Џелалудин Руми, Матица, Скопје, 2018
Мајчин јазик и други песни, Ахмед Буриќ, Блесок, Скопје, 2018
Условна слобода, антологија на современата БХ поезија, Скопје, 2018
Записи за молитвата, Евагриј Понтиски, Метаноја, Скопје, 2018
Бескрајни можности, Мајк Дули, Матица, Скопје, 2020
Без граници, Џим Квик, Матица, Скопје, 2021
Крв и убавина, Сара Дунант, Матица, Скопје, 2021
Монахот Калист, Миливој М. Јовановиќ, Сивејан, Скопје, 2025

Поврзани вести