
На 89-годишна возраст почина оперската примадона Милка Ефтимова, доајен на македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот, соопштија од Националната опера и балет.
Во својата долготрајна, богата и плодна кариера, таа отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1.200 пати на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.
Со извонредна музикалност и изразито чувство за артизам, таа ги креираше Орфеј во ,,Орфеј и Евридика”, Ацучена во ,,Трубадур”, Еболи во ,,Дон Карлос”, Сузуки во ,,Мадам Батерфлај”, Марфа во ,,Хованшчина”, Урлика во ,,Бал под маски” и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на ,,Кармен”. Од оперската сцена јубилејно се прости токму со Кармен на 6 ноември 1991 година.
Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Македонија (2022).
Милка Ефтимова беше родена на 26 февруари 1936 година во Радовиш. Таа е истакната македонска оперска пејачка, некогашна првенка на Македонскиот народен театар, редовна професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје и концертна уметница со извонредно широк дијапазон на репертоарот.
Во мај 1961 година, како член и солист на Хорот на Словенечката филхармонија настапила во Виена под диригентската палка на големиот Ловро фон Матачиќ, изведувајќи повеќе солистички делници. Матачиќ самоиницијативно работел со Ефтимова врз партитурата на Кармен, толкувајќи низа музички и психолошки детали за овој лик. Непосредно по концертот во Виена тој и понудил ангажман со операта „Кармен“ во Франкфурт, со убедување дека во кусо време и претстои блескава кариера. Бидејќи Милка била стипендист на скопската опера, есента во 1961 година станала солист на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје.
На 15 декември 1961 година за првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ù била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“ заедно со Данка Фирфова како Леонора, Марио Ѓуранац како Манрико и Енцо Серини како Луна, диригент бил Александар Лековски. Салата била преполна, многу аплаузи и добила букет од Лазар Колишевски тогашен претседател на Република Македонија.
По „Трубадур“ настапува во „Кавалерија Рустикана“, „Мадам Бетерфлај“, „Орфеј и Евридика“. Во тој период таа многу учи од диригентот Фимчо Муратовски и Ладислав Перлдик, вонсериски оперски корепетитор и диригент.
Веќе во 1963 година со диригентот Фимчо Муратовски подготвиле програма за натпревар на Вториот меѓународен конкурс во Софија каде ја добила третата награда од 117 кандидата од 26 држави. Претседател на жирито бил Тоти Дал Монте од Италија. Од Метрополитен операта од Њујорк, Курт Адлер, односно вкупно 23 еминетни уметници, напишале за неа – „најпрекрасниот глас и најшармантната певица“.
За отворањето на новата монтажна зграда на МНТ во 1965 година (после земјотресот) Милка реализирала една нова улога, која со текот на годините станала и нејзин симбол – Кармен во истоимената опера на Жорж Бизе.
Во 1966 година заминала на специјализација како стипендист на владата на Република Македонија во Италија во Санта Чичилија во Рим. Италијанска влада и доделила двомесечна стипендија за престој во Сиена, на Академијата Киџијана каде што продолжила да работи концертно пеење. Во септември 1966 година познатиот „Месаџеро“ напишал – „Милка Ефтимова пејачка со убава боја на гласот што навистина одговара на мецосопранот, глас што толку многу се бара од нашите оперски куќи“.
Од сите кандидати меѓу најдобрите биле Милка Ефтимова и една Американка. Добила награда за сценски настап. Таму биле три месеци како најдобри изведувачи. Милка Ефтимова била избрана да учествува во серија настапи кои ја претставуваат академијата Санта Чичилија солистички, но и со оркестар. Римските рецензенти ја истакнале нејзината сензибилност, музикалноста, стилската диференцираност или силата на мецо вокалите. За кратко време имала 21 настап.
Од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен на 6.11.1991 година. Тоа и било 157 претстава. Во Љубљана реализирала 17 премиерни улоги. Најзначајните пред сè биле Кармен (премиера во 1968 година која рецензијата ја нарекла победа и слава на Ефтимова), потоа Грофицата во „Пикова дама“ на Петар Илич Чајковски, Кабаниха во Катја Кабанова на Леош Јаначек, Арлента во Крунисувањето на Помпеја на Клаудио Монтеверди. Хата во комедијата Продадена невеста на Берджих Сметана и мајка Јела во мелодрамата Еквинокциј на Марјан Козина. Своевиден примат остварила со Марфа во „Хованшчина“ на Модест Мусоргски.
Од Љубљана се вратила во 1978 година во Скопје како првенка на Операта при МНТ. Настапувала во низа обновени премиери од железниот репертоар како Трубадур, Кармен, Бал под маски, Евгениј Оњегин, Кавалерија Рустикана, Кнез Игор и Фауст. Реализирала антологиски премиерни улоги како што е Марчелина во „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт и Неда во „Кузман Капидан“ од Трајко Прокопиев.
Нејзинито тело ќе биде изложено в сабота, на 16 август, во 10 часот во капелата во Радовиш, а погребот ќе се изврши во 11 часот на гробиштата во Радовиш.