
Нa програмата на претпоследниот ден на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ кој се одржува во Прилеп ќе биде претставата „Пар распар“ од Нил Сајмон, на Театар Комедија во 18 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Претставата е во режија на Нина Николиќ, а играат: Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Григор Јовановски, Тони Денковски, Сергеј Димоски, Виктор Арсов, Жаклина Петровска и Маја Љутков.
Во 21 часот ќе следува „Слепци“ во режија на Кендрим Ријани, на сцената „105“. Во претставата од официјалната конкуренција, играат: Џенап Самет, Хакан Даци, Јеткин Сезаир, Сузан Акбелге, Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Слаѓана Вујошевиќ, Емине Халил, Зубејде Али, Инес Радинчиќ и Един Јакуповиќ. По изведбата на претставите од официјалната конкуренција ќе следуваат тркалезни маси со тимовите на фестивалот.
Во 22 часот во гастробар „Монарка“ ќе следува „Казабалкан“ на Здружението за развој на театарската продукција „Оска“ од Скопје. Веднаш по изведбата ќе следуваат разговори на тркалезна маса. Во претставата, во режија на Дамјан Костовски, играат: Мирјана Трпковска Костовска, Владимир Петровиќ, Васко Костовски, Горан Ников, Марина Поп Панкова, Јана Вељановска, Христијан Поп-Симонов, Димитар Паскоски и Саша Димитриевска.
