
Претставата „Ова е само крајот на светот“, во режија на Теа Беговска, ќе биде премиерно прикажана на 7 март, в сабота, во Драмскиот театар – Скопје. Во претставата играат: Стефан Вујисиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климовска и Ања Митиќ. Костимите и сценографијата се на гостинката од Бугарија, Надја Василева Ковачевска, а за музиката се погрижи Енес Беговски.
Претставата во времетраење од час и половина, ја третира комуникацијата со најбилиските, работите што често се премолучуваат во семејството.
Неколкучасовна семејна илузија на фамилија како и секоја друга, која ќе го задржи вниманието на публиката и ќе ја остави без здив, зашто нема совршено семејство – многу работи се премолчуваат, а на некој начин, сепак се комуницираат. Вака денеска, на прес-конференција, беше најавена претставата.
„Ова е само крајот на светот“ зборува за одложувањето на вистината и колку тоа може да биде опасно, колку може да стане страшно зашто ако не комуницираме дома и ако не го кажеме дома проблемот, тогаш каде би го кажале на друго место. Сите искрено и чесно влеговме во проектот, имавме смирен и убав процес. Направивме искрена и жива претстава во однос на личното доживување на актерите како карактери. Се запознав со текстот уште во 2015 – 2016 година преку филмот на Хавиер Долан и оттогаш тлее мојата желба да се реализира овој проект, рече Беговска на прес-конференција.
Според Василева Ковачевска, темата е исклучително актуелна, но и многу важна.
Секој од нас многу искрено влезе во проектот, многу се зближивме. Актерите играат прекрасно. Живееме заедно на толку мал простор, а како секој од нас да е на некое посебно островче, како да е секој своја вселена, рече Василева Ковачевска.
Според главниот актер, Вујисиќ, станува збор за минималистичка игра која е предзивик да се долови на голема сцена.
Се обидовме да доловиме еден јазик на сцена и мислам дека успеавме. Имаме и техничка поддршка, камери што снимаат од три пункта. Тоа заначи дека ова е своевиден хибрид на медиуми што има и филмски и театарски елементи, истакна Вујисиќ.
Климовска очекува, како што кусо рече, дека публиката ќе ја препознае искреноста на сцена.
Нашата претстава е емотивен ролер-костер, недостигаат многу делови од сложувалка кои не можат да се најдат или да се нацртаат. Ова е неколкучасовна илузија ако се одвива во реално време во кое не можат да се решат многу семејни работи и проблеми. Се надевам дека ќе задржи големо внимание кај публиката, истакна Драгиќевиќ-Пројковска.
Митиќ сподели дека претставата е возбудлива зашто членовите на семејството се обидуваат да ги споделат премолечните работи – кој колку е подготвен и кој колку сака да прифати.
Работите не ги кажуваме директно, но на некој начин ги комуницираме меѓу себе и тоа беше возбуидлив предизвик, рече актерката.
Следната изведба на претставата е на 21 март во 20 часот.

Македонски

