
На 20 ноември, четврток, се отвора „YES ФЕСТИВАЛ – издание есен/зима“ со промоција на првиот роман на драмската писателка Драгана Лукан Николоски, а богатата програма продолжува со промоции на книги за деца и млади, креативни работилници и други културни содржини до 26 ноември.
Фестивалот во организација на издавачката куќа „Чудна шума“ се одржува по петти пат, а од мај годинава програмата е проширена за сите возрасти и за различни читателски публики. Од 20 до 26 ноември, на повеќе локации низ Скопје, ќе можат да се проследат неколку книжевни настани и промоции, гостувања на европски авторки, читачки клубови, разговори и креативни работилници за деца…
Во ова издание на „YES ФЕСТИВАЛ“, кое се одржува во помал обем од пролетното, ставаме фокус на три авторки – и особено сме горди што целиот фестивал е фокусиран на женските авторки: македонската писателка, драмска писателка и сценаристка Драгана Лукан Николоски, шведската авторка, илустраторка и уметница Ана Хоглунд и хрватската илустраторка Ванда Чижмек. Фестивалот е повторно поделен на два дела: „програма за млади и возрасни“, односно вечерна програма и детска програма, што се покажа како добра практика со претходното издание на фестивалот во месец мај, кога имавме вечерна програма во кафе-книжарницата „Буква“ – велат од „Чудна шума“.
Фестивалот ќе се отвори на 20 ноември, в четврток, во 20 часот, кога во бистрото „Комедија“ ќе го промовираме романот „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски, издаден во соработка со здружението „Ад Либитум“. Ќе имаме една некласична промоција, ќе слушаме снимени извадоци од книгата, прочитани од актерите Никола Ристановски, Тина Трпкоска и Жаклина Петровска, а музичкиот избор по овој „официјален“ дел ќе биде на Илина Ангеловска.
Да се зафатиш да пишуваш нешто за љубовта по целата историја на литературата звучи малку бесмислено, па затоа решив да барам што е тоа што ја убива љубовта во времето во кое ние живееме. Овој процес и за мене самата беше едно големо преиспитување. Денеска, по две години од кога го започнав овој ракопис, можам да кажам дека љубовта е нешто што е еднакво на слобода, а живееме во многу неслободни времиња.
Општеството и загриженоста за она „што ќе кажат луѓето“ е она коешто нè затвора во кафезот чиј клуч постојано го носиме во џебот. Се надевам дека ова што го напишав ќе им помогне на некои луѓе да посегнат во својот џеб и да се ослободат од прангите на ова патријархално општество – за романот вели Драгана Лука Николоски.
Вечерната програма продолжува на 22 ноември, в сабота, во 19 часот во кафе-бар „Долап“, каде ќе се одржи промоција на графичкиот роман за млади „Да се биде јас“ на наградуваната шведска авторка, илустраторка, уметница и феминистка Ана Хоглунд. Разговорот со авторката ќе го води Лени Фрчкоска, фокусирајќи се на темите, мотивите и симболите во книгата „Да се биде јас“.
Општеството има големи очекувања од девојчињата. Притисокот е неиздржлив. Зошто е толку тешко да се биде јас? Што точно значи да се биде девојка, да се биде жена?
Нежна и полна со љубопитство, оваа илустрирана книга за млади во која тринаесетгодишната Роса го преиспитува своето место во светот, на паметен начин ги обработува темите за промените во тинејџерството, промените во емоциите, промените на телото, а одговара и на прашањата за сексуалноста и за наметнатите очекувања од околината.
Жири-комисијата за наградата „Астрид Линдгрен“, која ѝ ја додели оваа престижна награда на Хоглунд во 2016 година, вели: „Ана Хоглунд пишува и илустрира на начин кој е и поетичен и прецизен, и тенденциозен и прекрасен, и современ и безвремен – таа зборува за врските, емоциите, идентитетот и растењето и тоа ги допира и остава печат и на младите и на повозрасните читатели.“
Последниот вечерен настан ќе се случи на 26 ноември во 19 часот, со официјалното отворање на галеријата „Чудна шума“ (која се наоѓа веднаш до кафе-книжарницата „Чудна шума“). На настанот промотивно ќе бидат претставени и новите изданија на „Чудна шума“, графичките романи „Вечната мува“ од Георги Господинов и Никола Тороманов, „Адна“ од Самира Кентриќ, „Теа. Дневник“ од Криста Унцнер и „Тивка војна“ од младиот македонски автор Методија Стојановски.
Во рамки на фестивалот е предвидена богата програма за деца, со читачки и креативни работилници во повеќе библиотеки – објекти на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, кои ни пружаат огромна поддршка нашите изданија за деца, значајни и наградувани книжевни дела на европски автори, да стигнат до што поголем број деца. Со нивна помош организираме читачки и креативни работилници за книгите од проектот „Млади европски приказни“ – кој го заокружуваме годинава, а на три работилници ќе присуствува и гостинката на фестивалот, хрватската илустраторка Ванда Чижмек – изјавува Билјана Црвенковска, уредничка во „Чудна шума“ и организатор на фестивалот.
– Покрај ова гостување, на креативните работилници се обработуваат и ќе се обработуваат други книги од проектот „Млади европски приказни“: „Овде, во близина, живее едно девојче“, „Беззборовната Ела“, „Куќа без огледала“, „Големата црна птица“, „Мојата бабичка не знае која сум“, „Деветтиот живот на принцот на мачките“ итн.
В петок, на 21 ноември, во рамки на читачките клубови што ги организира „Чудна шума“ во соработка со „Мама ми чита“ ќе се одржи читање и креативна работилница со хрватската илустраторка Ванда Чижмек за книгите „Фати ми го синото мече“ и „Кики, ние те сакаме!“ во одделот за детска литература во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Гостувањето на авторките Ванда Чижмек и Ана Хоглунд, како и проектот „Млади европски приказни“, се поддржани од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Македонски









