
Во издание на „Бата прес“ се објави романот „Светска болка“ од познатата турска писателка Ајфер Тунч. Објавувањето на ова значајно дело е поддржано од Министерството за култура, во рамките на Националната програма за издаваштво во 2025 година.
Романот ја носи приказната во едно рударско гратче обземено од златна грозница – гратче што со секој изминат ден станува сè полакомо и посурово. Во таа средина, Муршит е принуден да ја преземе улогата на „глава“ на семејството и да управува со хотелот што му останал како наследство од таткото, иако неговите лични желби биле поинакви. Вистинското пријателство го пронаоѓа во Маденџи, човек за кого хотелот на Муршит станува засолниште во бегството од трагичните настани во Истанбул.
Преку судбината и разговорите на двајцата пријатели, читателот станува сведок на трагичните историски превирања од современата турска историја, за кои авторката пишува отворено, без сентименталност и без прикривање.
Ајфер Тунч е родена во 1964 година во Адапазар. Дипломирала на Факултетот за политички науки при Истанбулскиот универзитет, а уште за време на студиите почнала да објавува текстови во списанија за книжевност и култура.
Во 1989 година ја добила награда „Јунус Нади“ на дневниот весник „Џумхуриет“ за најдобар расказ, со делото „Таинствена“. Во 2001 година ја објавила книгата „Ако сте слободни, моите родители ќе ве посетат / Нашиот живот во седумдесеттите“, која во 2003 година ја освоила меѓународната награда „Балканика“ и е преведена на шест балкански јазици.
Тунч е авторка на збирките раскази „Пријателите од пештерата“ (1996) и „Древниот хотел“ (2006), како и на романите „Девојката од насловната страница“, „Погрешно раскажана кратка историја на една лудница“, „Ноќ на зелената самовила“, „Случајот на господин Азиз“, „Бележникот на Сузана“ и други дела.
На македонски јазик досега ѝ се преведени романите „Случајот на господин Азиз“ (2012) и „Ноќта на зелената самовила“ (2013).

Македонски







