Skip to main content

Националната и универзитетска библиотека се претстави на Саемот на книгата во Лајпциг

Штандот на Национаната библиотека го сочинуваа наслови од сопствената издавачка дејност, потоа дел од македонската издавачка продукција финансирана од Министерството за култура и туризам преку т.н задолжителен примерок, како и антологии на македонски и германски јазик.

Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје се претстави на Саемот на книгата во Лајпциг, кој што се одржа од 19-22 март, а на кој учествуваа повеќе од 2000 излагачи од 50 земји.

Лајпциг е еден од најзначајните културни настани во Европа, што акцентот го става на средбата меѓу авторите и читателите. Наместо класична земја-гостин, годинава фокусот на саемот беше Дунавскиот регион, а преку него и на литературата како мост меѓу Истокот и Западот, но и на прашањата за мултикултуризмот, повеќејазичноста, миграциите, идентитетските аспекти и сл.

Штандот на Националната библиотека го сочинуваа наслови од сопствената издавачка дејност, потоа дел од актуелната македонската издавачка продукција финансирана од Министерството за култура и туризам преку т.н задолжителен примерок, како и антологии на македонски и германски јазик. Националната библиотека изготви и специјален каталог на македонски, англиски и германски јазик.

Лајпциг е важно место во културната дипломатија на Европа, простор за широк општествен дијалог. Оттука претставувањето на Македонија е од големо значење, но и голема одговорност. Задоволни сме од посетеноста и интересот за нашите изданија, за македонската литература и култура воопшто, затоа што овој саем покажува дека книгата може и треба да биде средство за поврзување во време на поделби – подвлекува директорот Јовица Никчевски, кој го предводеше тимот на НУБ.

Националната библиотека на Македонија, на Саемот на Лајпциг учествува по втор пат и тоа како дел од европската мрежа за литература ТРАДУКИ, која книгите и авторите од Југоисточна Европа ги преведува и претставува на германското јазично подрачје. Претставувањето е поддржано од Министерството за култура и туризам.

Штандот во Лајпциг го посети и македонскиот амбасадор во Германија, д-р Имер Села, кој заедно со Никчевски присуствуваше и на отворањето на програмата на ТРАДУКИ. Тимот на НУБ се сретна и со познатата македонска писателка Фросина Пармаковска, чиј роман „Одбројување“ преведен на германски јазик беше промовиран токму на саемот.

Лајпциг уште еднаш потсети дека литературата е култрен мост, политички глас и повик за дебата, на што алудираше и познатиот писател Миљенко Јерговиќ, добитник на наградата за европско разбирање. Тој во својот говор на отворањето на саемот истакна дека силата на Европа лежи во различностите, јазиците и раскажаните искуства.

По завршувањето на Саемот во Лајпциг, тимот на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје, отпатува во Загреб, во посета на македонскиот културно-информативен центар. По врачената донација од книги за КИЦ, со директорката Мими Ѓоргоска-Илиевска беше разговарано за заедничка изложба во Хрватска, која треба да биде реализирана следната година.
Делегацијата на НУБ ја посети и Националната и универзитетска библиотека во Загреб, каде што со директорката Иванка Стричевиќ и нејзиниот тим разменија искуства и добри практики од работењето на националните библиотеки, како и неколку конкретни апсекти за понатамошна соработка.

фото: НУБ „Св.Климент Охридски“ Скопје