
Во рамките на одбележувањето на јубилејот 80 години Драмски театар Скопје, на 19 мај (вторник), со почеток во 20:00 часот на малата сцена, ќе биде изведена јубилејната 50. изведба на монодрамата „Кармен“ на Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, работена според романот „Пет часа со Марио“ од еден од најзначајните шпански автори на XX век, Мигел Делибес, во драматизација и режија на Дејан Пројковски.
Претставата, која од премиерата во мај 2021 година остави силен белег во современата македонска театарска продукција, низ годините изгради исклучителен сценски живот и стана една од претставите на Драмски со најбројни гостувања во странство. „Кармен“ беше изведена на театарски фестивали и сцени во Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Молдавија, Грузија, Турција и во Јужна Кореја.
Во центарот на „Кармен“ е жена која, во текот на една долга ноќ покрај телото на својот починат сопруг, ја отвора целата мапа на својот живот – бракот, разочарувањата, стравовите, потиснатите желби, класните предрасуди, лицемерието, религиозните догми и општествените норми што со години ја обликувале. Нејзиниот монолог постепено се претвора во брутално искрена исповед за еден брак, но и за едно време во кое љубовта, моралот, политиката и општествените улоги постојано се судираат.
Монодрамата на Драгиќевиќ-Пројковска е актерска партитура со исклучителна емотивна прецизност и сценска концентрација, во која Кармен не е само лик, туку жив организам составен од контрадикции, ранливост, суровост, љубов, страв и потреба да биде слушната. За оваа улога, Драгиќевиќ-Пројковска ја доби наградата за најдобар актер на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола во 2021 година, како и наградата за најдобра актерка на фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Република Албанија во 2022 година. На истиот фестивал, Дејан Пројковски беше награден за најдобра режија, а „Кармен“ беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот.
Креативниот тим на претставата го сочинуваат: Дејан Пројковски – режија и драматизација, Ненад Велковски – превод, Валентин Светозарев – сценограф, Раде Василев – костимограф, Горан Трајкоски – композитор, Олга Панго – сценски движења, Елена Бојаџиева – фотографии и дизајн на плакатот, Гоце Бојчев – инспициент, Митко Ризов – мајстор на светло и Саше Георгиев – мајстор на тон.

Македонски

