Skip to main content

Мултимедијален перформанс „Тунел на традицијата“ во Гевгелија

Во Народниот театар во Гевгелија вечер ќе се одржи мултимедијалниот перформанс „Тунел на традицијата“, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ и Ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија во рамки на програмата на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, информираа од Општината.

Како што се наведува во информацијата, перформансот претставува уникатно уметничко доживување во кое преку живи модели облечени во традиционални носии од различни етнички предели ќе бидат претставени предмети од покуќнината од минатото и нивната некогашна секојдневна функција, а публиката ќе има можност да слушне мелодии изведени од традиционални инструменти, како и вокални изведби на доајени на народната музика.

Како дел од програмата, посетителите ќе уживаат и во изведби на ора од уметниците на Ансамбл „Бојмија“, а низ „тунелот на традицијата“ ќе бидат прикажани и стари видео снимки од браќата Манаки, пионери на македонската кинематографија, се наведува во информацијата.

Настанот е замислен како патување низ времето, кое ја слави македонската културна и етнолошка оставнина, потсетувајќи на нејзината непроценлива вредност и влијание врз современиот културен идентитет.

Поврзани вести