
Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември, кога ќе се одржи првиот „Candlelight“ концерт во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар Профундис, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
Во рамки на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, меѓу кои: „St. Paul Suite“ од Густав Холст, „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и „Македонско капричо бр. 1“ од Драган Шуплевски.
„Овој концерт е особено значаен затоа што за првпат ја носиме уникатната атмосфера на Candlelight концертите во Битола. Под светлината на свеќите, музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно одбрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, Концертхаус – Виена, Линколн центар – Њујорк, Харвард Универзитет и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника, Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Инаку, концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски признат тренд кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиткуваат просторот во топол сјај, создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината која ја приближува публиката до суштината на музиката.
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски инструменталисти од различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да создаде професионален камерен оркестар кој ќе се посвети на изведба на сложени и предизвикувачки дела од класичната музика, а во својата програма вклучува и праизведби на дела од современи автори. Оркестарот активно ги поддржува македонските изведувачи и композитори, а со своите настапи ги носи светски имиња од класичната музика, кои го збогатуваат неговиот репертоар.
„Профундис“ е оркестар кој се истакнува по својата иновативност и оригиналност, следејќи ги највисоките стандарди на европските и светски камерни оркестри. Во својата кратка, но богата историја, оркестарот имал настапи во престижни сали и на значајни фестивали, како „Kotor Art“, „Sofia Music Weeks“, „Sorrento Music Festival“ и „Ravanelius“ во Италија, Србија, Бугарија и Црна Гора, а неговите изведби во Македонија веќе се сметаат за културни настани од национално и меѓународно значење
Владимир Костов е еден од најпознатите македонски виолинисти и концерт-мајстор на Македонската филхармонија. Неговата кариера вклучува настапи со бројни европски и светски ансамбли, како и соработка со врвни диригенти. Добитник е на бројни награди, а неговиот интерпретативен стил се одликува со комбинација од техничка прецизност, длабока музикалност и сценска харизма.

Македонски







