
„Македонските бајки во светогледот на Димитар Кондовски“, е насловена изложбата на 82 дела што беше отворена денеска во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, во соработка со „Музеум Линк“.
Станува збор за изложба која нè враќа во магичниот свет на македонската усна традиција, оживеан преку маестралните илустрации на уметникот. Изложбата претставува редок увид во илустрации инспирирани од македонските бајки, создадени во периодот кога Кондовски ја гради својата препознатлива визуелна поетика – синтеза на модерна стилизација, византиско наследство, орнамент и симболика. Овие илустрации се изработени за издавачката куќа „Детска радост““, појасни Марина Убавкова, организатор на уметничкиот настан, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Таа притоа изрази задоволство од отворањето на изложбата, посветена, како што истакна, на еден од најзначајните автори во историјата на македонската современа уметност.
Убавкова рече дека илустрациите на Кондовски се визуелен јазик што го преведува фолклорот во универзум разбирлив за детето, но и длабоко значаен за возрасниот. Таа додаде дека преку нив, бајките ги поврзуваат генерациите – традицијата и современоста, зборот и сликата.
Оваа збирка, сочувана како драгоцен дел од нашето културно наследство, сведочи за еден уметнички свет исполнет со симболика, емоција и магија – свет во кој храброста, љубовта и доблеста се основни вредности. Изложбата е и повик да се вратиме кон вистинските извори на имагинацијата и да ја разбудиме „заспаната убавица“ во нас – преку силата на уметноста и раскажаната приказна’, порача Убавкова.
За творештвото на уметникот нагласи дека се движи низ повеќе медиуми – сликарство, графика, сценографија, илустрација – но, секогаш со истата длабока посветеност на истражувањето на формата, бојата и духовната димензија на уметноста.
Патем таа подвлече дека неговите достигнувања биле препознаени и на меѓународно ниво.
Кондовски остави длабока трага врз генерации уметници, пренесувајќи не само знаење, туку и однос кон уметноста како духовна дисциплина“, рече Убавкова.
Таа упати голема благодарност до Јасмина Намичев и „Музеум Линк“, како и до Филип Кондовски, синот на уметникот, кои овозможиле оваа изложба да ја има во Кавадарци.
Намичев проговори и за проектот „Музеум Линк“, чија идеја, како што појасни, е, да се носат квалитетни изложби со оригинални дела надвор од Скопје, за да не биде тоа привилегија само на главниот град. За изложбата рече дека претставува скапоцена збирка.
Пред присутните се обрати и Филип Кондовски, во чија приватна сопственост се наоѓа оваа значајна колекција.

Македонски


