
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), во периодот од 9 до 11 мај, а за време на овогодишниот Саем на книгата, втора година по ред ја организира Фелоушип-програмата на МАИ.
По отворениот повик, на кој се имаа пријавено повеќе од 70 издавачи, уредници, преведувачи и книжевни агенти од светот, работната група на МАИ избра тројца учесници, пред кои би сакале да го претставиме македонското издаваштво и нашата книжевност.
На Фелоушип-програмата оваа година ќе учествуваат: Елиса Копети, уредничка во издавачка куќа „Ботега еранте“ од Италија, Нева Сердаревиќ, менаџерка за авторски права во издавачката куќа „Фрактура“ од Хрватска и Сења Пожар, основачка на „Љубљана бук академи“ и уредничка во издавачката куќа „Супер заложба“ од Словенија. Во програмата ќе биде вклучен и Ивица Баковиќ, истакнат преведувач од македонски на хрватски, кој е на двонеделен престој во Скопје преку мрежата „Традуки“, во организација на издавачката куќа „Готен“.
Учесниците на програмата ќе можат одблизу да го видат Саемот на книгата и да ги запознаат македонските издавачи. Во рамки на програмата се предвидени: организирана прошетка низ Саемот на книгата и средби со издавачите на штандовите, деловни состаноци со македонски издавачи, презентација на Конкурсот за странски преводи на македонски автори на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, панел-дискусија за време на саемот во којашто ќе учествуваат учесниците на Фелоушип-програмата, како и неформални дружења со македонски писатели, издавачи, преведувачи… и туристичка тура низ Старата чаршија и центарот на Скопје, која ќе ја води нашиот писател Васко Марковски.
Целта на Фелоушип-програмата е да ги запознаеме учесниците, кои се уредници, издавачи и преведувачи, со нашето издаваштво, со трендовите во современата македонска книжевност, со нашите најистакнати писатели и да им „откриеме“ дела што можат да ги внесат во својата издавачка програма. Воспоставувајќи директен контакт и лични релации ќе ја зголемиме меѓународната соработка на нашите издавачи и продажбата на авторски права за книги од македонски автори, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
Фелоушип-програмата и оваа година е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.