
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), од 22 до 24 април, во текот на овогодишното издание на Саемот на книгата, по трет пат ќе ја реализира својата Фелоушип-програма.
На јавниот повик се пријавија вкупно 82 издавачи, уредници, преведувачи и книжевни агенти од повеќе земји од светот, по што работната група на МАИ избра тројца учесници на кои ќе им биде претставена македонската издавачка сцена и домашната книжевност.

Годинава дел од Фелоушип-програмата ќе бидат: Луси Дикон-Томас, менаџерка за авторски права во најпознатата светска издавачка куќа „Пингвин рандом хаус“ од Велика Британија, Несторас Пулакос, сопственик на издавачката куќа „Вакхикон публикации“ од Грција и Ката Калуѓеровиќ, уредничка во српската издавачка куќа „Дерета“.

Учесниците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со Саемот на книгата и со македонските издавачи. Програмата опфаќа организирана обиколка на саемот и средби на штандовите, работилница и деловни состаноци со домашни издавачи, панел-дискусија со учество на гостите, како и неформални средби со македонски автори, издавачи и преведувачи.

Фелоушип-програмата на МАИ и оваа година им нуди на издавачите можност за вмрежување со квалитетни странски издавачи тука, на наш терен – на местото каде што ќе бидеме сите овие денови, и издавачите, и авторите, и читателите. Со неа МАИ продолжува активно да придонесува во промоцијата на македонската книжевност и на нашите автори на меѓународен план, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
Фелоушип-програмата и оваа година е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Македонски


