
Добре дојдовте во макeдонскиот Културно-информативен центар – новиот дом на македонската култура, јазик, уметност и традиција овде, во главниот град на нашата пријателска и блиска Република Србија, им порача на присутните во Македонскиот КИЦ во Белград вечерва министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Да се отвори македонски културен центар овде во Белград, токму на улица која го носи името „Македонска“, не е само случајност, ова е и порака и сведоштво дека културата ги поврзува не само државите туку и луѓето.
Овој центар отвора нова страница во соработката меѓу двете држави, страница испишана со доверба, заеднички вредности и искрена волја за културна размена. Знам дека нашата музика, театарска уметност и традиционални вредности имаат посебно место во срцата на српскиот народ и ова вечерва е уште една потврда за тоа.
Во исто време, овој центар ќе биде и духовен дом за македонската заедница што живее и создава во Србија – место каде што ќе се негува сопствениот идентитет, но и ќе се отвораат врати за нови пријателства и заеднички иницијативи, како и за сите пријатели што сакаат да ја запознаат душата на македонскиот народ.
Сакам да изразам благодарност до министерот за култура на Србија, мојот драг колега и голем пријател на Македонија господин Салаковиќ, за неговата континуирана поддршка на македонската заедница.
Особена благодарност до Васко Шутаров, директорот на Културно-информативниот центар, за неговиот ангажман овој центар да стане реалност, а најмногу од сѐ ви благодарам вам драги пријатели, што сме денес овде заедно да се радуваме на овој голем ден во културата за нас. Сакам да ветам дека е ова само почеток, нè очекува уште многу работа, но и многу радост. Нека културата биде наш водич, а пријателството нашата сила.
Уште еднаш ви пожелувам добредојде и нека започне новото културно патување!, подвлече Љутков.