Skip to main content

Концертот „Мостови на музиката: Софија – Скопје“ го отвора „Скопско лето“

Повеќе од 35 концерти, театарски претстави, изложби, книжевни вечери и танцови перформанси на различни културни сцени низ Скопје

Млади солисти и диригенти од Македонија и Бугарија, заедно со Академскиот симфониски оркестар при Националната академија за музичка уметност „Панчо Владигеров“ од Софија, утре во 20.30 часот во Големата сала на Филхармонија, ќе одржат концерт насловен „Мостови на музиката: Софија – Скопје“.

Најавен како настан што го слави музичкото пријателство и креативната соработка меѓу млади уметници од регионот, концертот ќе биде дел од свеченото отворање на овогодинешното издание на реномираниот фестивал „Скопско лето“.

На концертот ќе настапат солистите Искра Атанасова Митуш и Николај Маринов на пијано, Јана Каевска и Марија Магдалена Желјазгова на флејта, Сања Јовиќ Ѓорѓевиќ на виолина и Тодор Иванов на виолочнело. Диригенти ќе бидат Ана Спасовска и Николаи Хилендаров, а ќе бидат изведени дела од Вивалди, Моцарт, Лист и Чајковски.

Ве покануваме на гала концерт со Академскиот симфониски оркестар при Националната академија за музичка уметност „Панчо Владигеров“ од Софија, во соработка со солисти и диригенти од Факултетот за музичка уметност – Скопје и Националната академија – Софија. Ве покануваме на концерт што го слави музичкото пријателство и креативната соработка меѓу млади уметници од регионот. Една сцена, два града, еден заеднички јазик – музиката. Очекувајте вечер исполнета со енергија, инспирација и уметност без граници, рекоа организаторите на концертот.


Овогодинешното издание на „Скопско лето“ симболично ќе биде отворено утре, 21 јуни, и со изложбата „Зона фобија“ на нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски, во 19 часот, во Музејот на град Скопје.

Трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија. Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первентираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па сè до денес. Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“ рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет, рекоа организаторите.

На изложбата симболично ќе бидат понудени каталози од разни изложби на авторот по симболична цена, а собраните средства ќе бидат донирани на Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

Овогодинешната програма на „Скопско лето 2025“ е распоредена во 40 фестивалски денови, а публиката ќе има можност да види повеќе од 35 културни настани – концерти, театарски претстави, изложби, книжевни вечери и танцови перформанси на различни културни сцени низ Скопје.

Поврзани вести