
„Бидејќи војните започнуваат во умот на луѓето, токму во умот на луѓето мора да се изгради одбраната на мирот“, е филозофија содржана во Уставот на УНЕСКО, а токму културата е најдобриот начин за влијание врз размислувањето на луѓето. Овој дух и ова размислување се водилка и на Денот на културата, кој Јапонија, го одбележува на 3 ноември, а кој со интересни активности ќе биде одбелeжан и кај нас во организација на Јапонската амбасада во Скопје.
Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје на 4 ноември во 19 часот ќе биде домаќин на еден исклучителен настан, со кој Јапонската амбасада ќе го почне одбележувањето на Денот на јапонската култура – концерт на традиционалната нихон минјо музика. На сцената ќе настапат познатите јапонски уметници Хибики Ичикава и Акари Мочизуки, кои зад себе имаат настапи во повеќе од 18 земји ширум светот, а ова ќе биде нивен прв концерт во земјава. Дуото е познато по автентичниот спој на древните јапонски народни звуци и современите сценски интерпретации. Хибики Ичикава е еден од најпознатите виртуози на традиционалниот инструмент цугару шамисен, додека Акари Мочизуки, со својот вокал, ја оживува емоцијата на јапонската народна песна, носејќи ја поблиску до публиката од сите генерации.

Нихон Минјо – душата на обичниот народ
За активностите кои се предвидени за Денот на јапонската култура или Бунка но Хи (Bunka no Hi), како што е познат во Јапонија, разговаравме со јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара, која ни посочи дека Денот на културата оваа година ќе се одбележи во посебна атмосфера.
Денот на културата оваа година ќе се одбележи во посебна атмосфера. Имаме чест да пречекаме навистина редок гостин: Хибики Ичикава, единствениот професионален изведувач на цугару шамисен, кој живее и работи во Европа. Со богата кариера која опфаќа настапи, предавања и соработки за филмска музика, неговото присуство ветува уникатно музичко доживување. Шамисен е традиционален инструмент со три жици, чија конструкција потсетува на гитара и бенџо. Звукот на шамисенот е силен, длабок и вибрантен, совршено погоден за изразување човечки емоции. Заедно со шамисенот, ќе се изведуваат и различни песни од младата и талентирана Акари Мочизуки, која ја започна својата кариера во 2009 година. Таа има настапувано во над 20 земји, освојувајќи ја публиката со својот изразен глас и посветеност кон јапонската народна музика, вели Кавахара за МИА.
Амбасадорката во разговор за МИА дава повеќе детали за нихон минјо правецот. Таа појаснува дека тоа е категорија на песни кои обичните луѓе во Јапонија ги пееле додека ги извршувале своите секојдневни активности и работни обврски, песни на рибарите и земјоделците, кои се создале спонтано.
Има над 58 илјади вакви народни песни, кои биле омилени меѓу луѓето од сите возрасти и пренесувани усно и може да се најдат во различни регионални ритми и стилови. Накратко, нихон минјо е душата на обичниот народ, изразувајќи радост, тага и желби. Карактеристична особеност е посебната вокална техника наречена кобуши, која создава уникатен вибрирачки, грлест ефект, појаснува амбасадорката Кавахара.
Со драма во која игра брилијантниот Коџи Јакушо се отвора 18. издание на Недела на јапонски филм
По концертот, Амбасадата официјално ќе го отвори 18. издание на Недела на јапонски филм во Кинотеката во Скопје. Овој културен настан е со најдолга традиција на одржување во Скопје, а, како што посочи Кавахара, пред пет години со гордост го прошириле и во Битола. Проекциите почнуваат во Скопје на 13 ноември, а завршуваат во Битола на 20 ноември.
Годинашниот избор на филмови е прекрасно еклектичен и погоден за сите возрасти. Фестивалот во Скопје започнува на 13 ноември со моќна драма во која игра брилијантниот Коџи Јакушо, кого можеби го паметите од филмот „Perfect Days“ на Вим Вендерс. Во овој филм, Јакушо го толкува ликот на поранешен јакуза во адаптацијата на Миуа Нишикава според познатиот роман „Mibuncho“ од Рајзо Саки. Нишикава, наградувана режисерка и сценаристка, ја започнала својата кариера под менторство на легендарниот Хироказу Коре-еда, вели Кавахара.

Програмата продолжува со две анимирани остварувања, и двете базирани на романи: „Никуко од рибарското пристаниште“ аниме од секојдневниот живот кое стекна култен статус од неговото излегување пред само четири години и „Пингвински автопат“, разиграна и авантуристичка приказна за созревање.

За помладата публика и љубителите на манга, како што информира амбасадорката, ќе биде прикажан филмот базиран на популарната манга серија „Вотакои: Љубовта е тешка за отаку“. Таа додава дека оваа музичка романтична комедија е исполнета со референци кон „Gundam“, „Final Fantasy“ и ја истражува социјалната стигма поврзана со отаку културата во корпоративна Јапонија.

Друг истакнат наслов е топлата драмедија „Изнајми мачка“, премиерно прикажан на Берлинале. Режиран од Наоко Огигами, чиј филм „Ситно плетено“ имавме можност да го гледаме во Кинотеката пред неколку години. Во меѓувреме, „Изнајми мачка“ доби култен статус меѓу љубителите на јапонската независна кинематографија. Фестивалот ќе заврши со легендарната, номинирана за Оскар, воена драма „Бурманска харфа“, кинематографски еп награден од Венецијанскиот филмски фестивал. Иако базиран на детска книга, филмот носи моќна пацифистичка порака, прикажувајќи ја бесмисленоста и разорноста на војната. Веруваме дека годинашната програма нуди нешто за сечиј вкус и се надеваме дека многу љубители на филмот ќе присуствуваат. Проекциите започнуваат во Скопје на 13 ноември, а завршуваат во Битола на 20 ноември. Повторно, влезот е бесплатен и сите се добредојдени, изјави Кавахара.
Ден за славење на мирот и слободата и промоција на културата, уметноста и науката
Денот на културата во Јапонија се одбележува на 3 ноември и е национален празник. На овој ден, вели амбасадорката Кавахара, ја славиме слободата и мирот и ја обновуваме нашата посветеност кон промовирање на културата, уметноста и науката.
Во Јапонија, додава таа, се организираат различни настани по повод Денот на културата, меѓу кои и свечената церемонија за доделување на Орденот за култура во Царската палата во Токио. Царот лично ги доделува наградите на оние кои дале извонреден придонес во областа на науката, уметноста или културата.
Околу овој датум, низ целата земја се одржуваат бројни културни настани и фестивали, а влезот во повеќето јавни културни институции, како што се музеите е бесплатен.

Кавахара во разговор за МИА појаснува дека всушност, овој национален празник е воспоставен за да се одбележи стапувањето во сила на јапонскиот Устав во 1946 година.
По разорувањата во Втората светска војна, јапонскиот народ силно посака да обезбеди одржлив мир и слобода. Бидејќи културата може да се развива само во услови на мир и слобода, мирот и културата се неразделни. Оваа филозофија е вградена и во Уставот на УНЕСКО, каде што стои: „Бидејќи војните започнуваат во умот на луѓето, токму во умот на луѓето мора да се изгради одбраната на мирот.“ Во актуелната глобална стратешка ситуација, време е повторно да се нагласи значењето на овој дух – културата на мирот, посочува јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара во разговор за МИА.

Македонски







