
Изложбата на која ќе бидат представени идејните решенија за новата управна зграда на Општина Центар – Скопје ќе биде отворена денеска во КСП Центар Јадро.
Со изградбата на планираниот нов комплекс, старите бараки ќе се заменат со современ објект кој ќе ги задоволи потребите на општинската администрација, а локалните жители ќе добијат функционален простор. Проектот вклучува изградба на подземен паркинг со околу 300 паркинг места и простор за 100 велосипеди, што ќе го реши проблемот со паркирањето во околината.
На конкурсот, стручната комисија составена од претставници на релевантни институции од струката, образовни институции од областа, како и стручни лица од општинската администрација, избра три најуспешни идејни архитектонски решенија од вкупно 13 пристигнати трудови:
Првата награда е доделена за идејното решение под шифрата „НАМАТ“ на: Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска Четелева и Кристијан Ристовски.
Втората награда ја доби проектот под шифра „ЧКЛАБ“ на ПЛАТФОРМА ДОО Скопје, со авторите: Емил Јегени, Елена Икономов, Веле Богоевски, Јасна Милојковиќ Муратовска, Ана Галевска Момировска, Јосиф Николовски, Ѓоре Миров и Матеа Јегени.
Треторангирано е архитектонското решение под шифра „СЦЕНА“ на: Митко Хаџи-Пуља, Никола Стрезовски, Христина Саљамовска-Трајкова и Теодора Илиевска.
„Избраните три решенија поставуваат темел за изградба на современа и функционална зграда која ќе ги задоволи потребите на граѓаните и администрацијата“, истакнува градоначалникот Општина Центар, Горан Герасимовски.