
Вчеравечер, на 8 април, пред многубројната публика, беше отворена изложбата „Форми во лет, меѓународни уметници во француските колекции” од страна на г. Тихомир Топузовски, директор на Музејот на современата уметност – Скопје, г. Филип Маршето, прв советник во Амбасадата на Франција, и г. Матје Лелиевр, куратор и надлежен за колекциите на Mузејот на современа уметност во Лион, информираа од Францускиот институт во Скопје.
Оваа изложба е омаж на исклучителниот придонес во современата уметност, од страна на уметниците кои живееле или патувале во Франција, земја која отсекогаш била уметничка крстосница и извор на инспирација.
Изложбата е збогатена со дела на француски уметници од колекцијата на Музејот на современа уметност во Лион, како што се Јасмина Чибиќ, Даниеле Вале-Клајнер, Анж Леча и Шурук Хриеш.
„Форми во лет“ овозможува дијалог помеѓу различни генерации и уметнички изрази, нагласувајќи ја еволуцијата на современото творештво.
Голема благодарност до Музејот на современа уметност во Скопје, Музејот на современа уметност во Лион и градот Лион за оваа исклучителна соработка помеѓу двете земји.
Изложбата може да ја погледнете во текот на месец април, не пропуштајте ја!