
По повод 24 Мај – празникот на сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, во сабота со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот Културно-информативен Центар (КИЦ) во Софија, свечено ќе биде отворена заедничката изложба „Траг“ на визуелниот и мултимедијален уметник Стефан Анчевски од Куманово и вајарот Марјан Стојаноски од Прилеп.
Изложбата „Траг“ претставува современо уметничко истражување на концептот на трага – како физички белег, како емоционален отпечаток и како визуелна метафора. Преку иновативна употреба на комбинирани медиуми, апстрактни композиции, видео инсталации и тактилни структури, Анчевски и Стојаноски отвараат простор за интроспекција, визуелна интрига и длабоко лично доживување. Проектот ја истражува тенката линија помеѓу присуството и отсуството, светлината и темнината, спокојот и движењето – и ја претвора во ритмичен визуелен јазик што комуницира со секој гледач на уникатен начин.
Стефан Анчевски (1993, Куманово) е мултимедијален уметник кој работи во различни уметнички форми, вклучувајќи сликарство, скулптура, видео и концептуална уметност. Зад себе има 11 самостојни и над 150 групни изложби дома и во странство, а неговиот пристап постојано ја предизвикува границата меѓу медиумите и идејата.
Марјан Стојаноски (1983, Прилеп) е истакнат скулптор и член на повеќе уметнички здруженија. Со бројни изложби и награди зад себе, неговата работа се карактеризира со силен израз, втемелен во формата и материјалот, како и со препознатлива индивидуална естетика која допира до длабоките слоеви на човечкото искуство.
Изложбата е отворена за сите посетители и љубители на современата уметност, со цел да понуди нови перспективи за разбирање на уметничкиот јазик, трагите што ги оставаме и нивното значење во колективната и личната меморија.