
Во сабота 01 ноември со почеток во 20 часот во Галеријата на Отворено Графичко Студио, Партизанска штампа ја претставува изложбата „Чергари, патници“ – уметничко патување низ архетипите на колективната меморија, традиционалната македонска орнаментика и современата графика. Проектот опфаќа изложба на графики и книга во сито печат, создадени во изминатата година во студиото на Партизанска штампа.
Инспирирана од визуелниот јазик на народниот вез и неговата симболика, изложбата го следи патот од локалното кон универзалното, од декорот кон симболот, од чергата кон космосот. Во неа орнаментот не е само украс, туку жив симбол – кодиран запис на културното несвесно каде се среќаваат животот, сонцето, телото и духот, минатото и сегашноста.
Во јунговска смисла, патникот е архетип на индивидуацијата – оној што тргнува да ја сретне својата сенка и да ја преобрази во светлина. Во македонскиот јазик, патникот е и оној што страда, па изложбата „Чергари, патници“ ја поставува токму таа дихотомија: патувањето како создавање и страдање, како процес на препознавање на сопствената основа.
Музичка интерпретација на визуелното ќе престават Јоана Ристеска, Иво Николовски, Борјан Гаговски, Тома Димовски, Марко Печеновиќ, Наталија Калајџиеска и Атанасија Гулевска, со настап во живо, а по нив ќе настапи THE BELLY од Белград.
Проектот истовремено е и ретроспектива на десетгодишното работење на графичката работилница Партизанска штампа, која од 2014 година активно делува како занаетчиска платформа за современа графика и сито печат. Колективот развил повеќе од педесет соработки со автори и колективи од регионот и Европа, а неговите изданија и изложби се претставени во Белград, Берлин, Марсеј, Рим, Гетеборг, Веспрем и Скопје.
Во последните години, Партизанска штампа го проширува својот израз преку текстил, фанзин култура и алтернативни уметнички медиуми, градејќи силна платформа за независна уметност и експериментален графички израз на Балканот. Дел од инсталацијата „Чергари, патници“ беше премиерно поставенa на фестивалот „Тендерете“ во Валенсија, 2025 година.
„Чергари, патници“ не е само изложба – тоа е визуелно патување низ симболите и слоевите на културната меморија, низ боите и формите на сито-печатот, каде уметноста станува место на движење, преобразба и отпор.
На патникот – патот. На овчарот – стапот.

Македонски







