Skip to main content

Интернационална групна изложба „Истокот e сè уште можен“ во МСУ

Интернационална групна изложба насловена „Истокот e сè уште можен“ ќе биде отворена на 13 ноември во 20 часот.

Уметници:
Марина Абрамовиќ | Маја Бајевиќ | Гета Братеску | Јозеф Бојс | Ала Георгиева | Томислав Готовац | Јон Григореску | Група конструктивисти од Трст (Аугуст Чернигој, Едуард Степанчич, Џорџо Кармелич) | Власта Делимар | Брацо Димитријевиќ | Оршоја Дроздик | Христина Иваноска | Ѓорѓе Јовановиќ | Иван Кожариќ | Катаржина Козира | Александар Косолапов | Андреја Кулунчиќ | Владимир Купијанов | Лајбах | Казимир Малевич | Горанка Матиќ | Алекс Млинарчик | Петре Николоски | Ахмет Огут | ОПА | ОХО | Ирена Паскали | Геза Пернецки | Душан Перчинков | Марко Погачник | Дмитриј Пригов | Нихо Пушија | Јозеф Робаковски | Дритон Селмани | Недко Солаков | Младен Стилиновиќ | Раша Тодосијевиќ | Ендре Тот | Игор Тошевски | Горан Трбуљак | Симон Узуновски | Стано Филко | Венко Цветков | Виолета Чаповска | Что Делат | Небојша Шериќ-Шоба.

Куратори: Бојана Пишкур, Мартина Воук (МГ+ММСУ, Љубљана); Ивана Васева Благоја Варшанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски (МСУ-Скопје).

Изложбен дизајн: Јован Ивановски
Визуелно решение: Илиана Петрушевска

Изложбата е продолжение на соработката меѓу МСУ – Скопје и МГ+МСУМ, Љубљана што започна со заедничката изложба „Ткаење светови: Колекции во разговор“, која се отвори во февруари 2025 година во Музејот на современа уметност „Метелкова“.

Уметничките практики што не потекнуваат од центарот на западниот уметнички систем, туку од неговите маргини – географски, политички и симболични, можат да понудат епистемолошка и естетска рамка преку која ќе се преиспита итноста на нашиот сегашен момент. Кога на овие маргини не се гледа како простори на инфериорност, тие можат да понудат јасна источноевропска перспектива обликувана од искуството на социјализмот, колективните утопии, транзицијата, конфликтот и војната, како и колапсот на идеолошките системи во 1990-тите. Преовладувачките уметнички теми на телото, иронијата, идеологијата, доказите и утопијата, реагираат на овие историски искуства, додека истовремено се занимаваат и со комплексноста на сегашноста.

Оваа изложба наслвена „Истокот e сè уште можен“, составена од избор на дела од колекцијата „Артист 2000+“ на Модерна галерија и националните колекции од Љубљана, во дијалог со колекцијата на солидарноста на Музејот на современата уметност во Скопјe, се занимава токму со постојано еволуирачкиот сеприсутен потенцијал и визија за трансформација и регенерација, како и постојаното повлекување кон трагедијата на секојдневниот живот. Таа инклинира кон првото, верувајќи дека сè уште има простор за радикално замислување на сегашноста. Во овој контекст, изложбата ја прикажува уметничката продукција не како пасивна рефлексија, туку како генеративна алатка за ангажирање со дијалектиката на разочарувањето и можноста. Уметничките стратегии извлечени од регионот нудат механизми за отпор, колективна меморија и спекулативна имагинација – алатки неопходни за навигација низ распаѓањето на политичките и општествените имагинариуми во ера сè повеќе дефинирана од прекарност.

Уште во дваесеттите години на 20 век, Групата конструктивисти од Трст ја замисли идејата за уметничко дејствување како форма на естетско-социополитичка револуција во контекст на историските авангарди, особено рускиот конструктивизам. Поради оваа причина, таа се смета за автентичен претходник на повоените неоавангардни тенденции во регионот.

Меѓу другото, нашата изложба го свртува вниманието кон она што останало од идејата за Источна Европа денес и дали сè уште можеме да зборуваме за „источноевропска уметност“. По завршувањето на Студената војна во 1989 година и почетниот ентузијазам за победата на либерализмот над комунизмот, стана очигледно дека идеалот за либерална демократија, кој Истокот толку ентузијастички го прифати, исчезнал. Во последниве години, бевме сведоци на растечки тензии во регионот, подем на нови автократски режими, непрестајни бегалски кризи, постојани националистички тенденции на Балканот, војна во Украина, нерешеното „палестинско прашање“ и геноцид во Газа.

Во овој контекст, се поставува прашањето: Дали иднината изгледаше подобро вчера отколку денес? Како можеме да се потпреме на историските искуства, уметничките стратегии и алтернативните форми на знаење вкоренети во источноевропските контексти? Уметничките дела на изложбата можат да дадат некои одговори како алатки за разбирање на сегашноста без, навидум, јасна иднина и за наоѓање пат кон различни, поинклузивни можности и пофер и посолидарен свет.

Изложбата „Истокот e сè уште можен“ се одвива во два меѓусебно поврзани сегменти, при што секој од нив прераскажува посебни приказни.

Сегментот насловен „Покажи ми ги твоите рани (регенерација)“ ги опфаќа приказните за „Телото како простор за отпор“; „Идеологии и субверзии“ и „Иронијата и апсурдот како стратегии на критичка дистанца“. Овој дел ги испитува телото, јазикот и иконографијата како места преку кои уметниците изведувале, се спротивставувале и ги поткопувале идеолошките и афективните режими.

Другиот сегмент насловен како „Нова реалност како артефакт на трансформација“ ги прераскажува приказните за „Документирање на реалноста“ и „Утопијата како простор на општествени алтернативи“.Тој ги испитува документацијата, меморијата и утописките спекулации како методи на уметничко ангажирање и со историската и со можната иднина.
Во време што сè повеќе е обележано со ерозија на демократските форми, еколошка катастрофа и историска амнезија, делата презентирани овде нудат практики на сеќавање, отпор и замислување – гестови што можат да ни помогнат да го замислиме светот поинаку.

Колекцијата „Артист 2000+“ е првата музејска колекција фокусирана на повоените источноевропските авангардни уметнички практики во поширок меѓународен контекст. Од своето основање во 2000 година, таа обезбеди длабински увид во уметничката проодукција на регионот, осветлувајќи ги општествените и политичките предизвици со кои се соочуваат уметниците во поранешните социјалистички земји. Колекцијата се појави во рамките на својот „простор на изразување“ и во однос на геополитичката територија на Источна Европа и во однос на концептуалниот простор обликуван од моќ, идентитет и дискурс. Од самиот почеток, колекцијата поттикна размислување за процесите на историцизација: Кој ја пишува историјата на уметноста, за кого и со каква намера? Во исто време, колекцијата создава услови за критичко редефинирање на постојниот уметнички канон, отворајќи простор за разновидни и честопати занемарени наративи.

Колекцијата на солидарноста на Музејот на современата уметност – Скопје настана како израз на глобален одговор на катастрофата, земјотресот што го разурна градот во 1963 година. Одговарајќи на повикот за уметничка солидарност, уметници од целиот свет подарија свои дела, заеднички креирајќи колекција заснована на меѓународна размена, одговорност и дијалог.

Оваа заедничка изложба на двете колекции ги нагласува напорите за соработка меѓу двата музеи, за кои се очекува да се прошират преку понатамошни партнерства.

Изложбата ја реализира Музејот на современата уметност – Скопје, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија како проект од национално значење за 2025 година.

Поврзани вести