
Вториот фестивалски ден на Интернационалниот фестивал за детски театар „Игор Маџиров“ носи две гостувања од регионот, кои нудат различни, но подеднакво важни теми за децата и младинците. Двете претстави ќе се одиграат на сцената на Албански театар во Скопје.
Дневниот термин од 11 часот е резервиран за искрен апел до родителите: „Играј си со мене!“ од Детскиот театар од Суботица, Србија. Оваа драма со мотиви на куклен театар, според идеите на Олах Тамаш, Марта Береш и режисерот Андреј Бока, потсетува на есенцијалната потреба од време поминато заедно со родителите, заединички активности и улогата кои родителите ја имаат во животот на детето кое се формира како личност. Актерите Елвира Гал, Залан Грегуш, Хајду Тамаш, Бланка Хорват и Чаба Бенце Кемивеш ја раскажуваат приказната за тоа како во трката да им се обезбеди сѐ, родителите го забораваат најважното – вниманието. Претставата ќе се одржи во Албанскиот театар – Скопје.
Вечерта продолжува со интимна приказна од Хрватска – „Малата Фрида“ од Градскиот театар „Жар Птица“ од Загреб. Во режија на Аница Томиќ и драматуршкиот ангажман на Јелена Ковачиќ, претставата ги истражува универзалните предизвици на растењето и прифаќањето на сопствениот идентитет. Комплексната актерска екипа – Аманда Пренкај, Горана Марин, Домагој Иванковиќ, Петар Атанасоски, Марко Хергешиќ и Богдан Илиќ смело го прераскажува детството на легендарната Фрида Кало како и нејзината потрага по сопствен глас, идентитет, темел на кој подоцна ќе биде изграден нејзиниот визуелен печат кој ќе го обележи минатиот век, а чие ехо се слуша и денес. Со Фрида и нејзината приказна ќе можете да се дружите на сцената на Н.У. Албански театар – Скопје со почеток од 19 и 30 часот.
Покрај претставите четвртокот е збогатен и со работилнца на тема „Драмскo читање“ под менторската палка на Ева Камчева, со почеток во 13 часот во просториите на Н. У. Театар за деца и младинци – Скопје, а во 14 часот на истото место ќе се одржи и панел дискусија на тема „Животот на еден современ македонски драмски текст“. Влезот на работилницата и панел дискусијата е слободен за сите.