
Вечерва во рамките на 22. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2025“ гостува Драмски театар Скопје со „Ифигенија за ништо“. Претставата ќе се игра на големата сцена на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес во 20 часот.
Годинашното издание на ИФАД „Стоби 2025“ започна на 29 октомври и по затварањето на фестивалската програма на 5 ноември, жирито во состав Јордан Витанов, Фаик Мефаиловски и Христина Атанасова-Арсова, ќе донесат Одлука за доделување на наградите за најдобра претстава, режија и машка и женска улога.
Премиерата на претставата „Ифигенија за ништо“ се реализираше во април. Претставата е адаптација по текст и режија на Филип Петковски, кореографијата е исто така на Филип Петковски, сценографијата на Мартин Манев, а костимите се на костимографите Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.
Улогите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ, Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Стефан Вујисиќ, Сара Климоска, Марјан Наумов, Томислав Давидовски. Во хорот се актерките: Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и Јована Миладинова.
„Ифигенија за ништо“ се игра на 6 ноември на редовниот репертоар на Драмски театар. Времетраење на претставата е 105 минути и не се препорачува за лица помлади од 16 години.

                        
Македонски






