Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков при посетата на НУ Кинотека на Македонија, потенцираше дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно, но исто така е значајно е да се одржува и да има средства за тоа.
Хавзи-пашините конаци се споменик на културата кои се заштитени со закон и за да се прават некои зафати потребни се дозволи и одобренија од Градскиот конзерваторски центар, Управата за зашитита на културното наследство, Министерство за култура итн, објаснува директорот на Кинотека, Бошко Грујоски.
Тој посочува дека проектот за ревитализација на Хавзи -пашините конаци предвидува мала кино сала, мултифункционален објект за изложби, ресторан, простор за пишана документација и дел од фототеката на Кинотеката со што објектот би бил мошне атрактивен и за културен туризам.
Изминатите седум години, токму оваа институција, која е најстара институција задолжена за чување на аудиовизуелното наследство, во споредба со периодот пред 2017 година, имаше намален буџет за речиси 50 – 60 проценти, што ја покажува и недоволната посветеност на претходното раководство за грижата кон филмското наследство, рече министерот Љутков, најавувајќи зголемување на буџетот за оваа национална установа.
Министерот Љутков потсети дека Кинотеката на Македонија во 2009 година беше меѓу водечките европски филмски архиви обезбедувајќи климатизирани депоа по меѓународни стандарди за чување на македонското филмско наследство, а во 2011 година беше меѓу првите европски филмски архиви од регионот коишто започнаа со реализација на долгорочниот проект за дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство.
Во фоајето на Кинотеката беа поставени фотографии кои даваат приказ како изгледал запуштено пред три месеци и како изгледа сега споменикот на културата „Хавзи-пашини конаци“ во село Бардовци, кој во изминатите години, како што рече, очигледно целосно бил заборавен.
Овие три месеци е расчистен просторот пред депоата во Хавзи-пашините конаци каде што се чува фондот од светската продукција на 35-милиметарски филмови, со што е зголемена безбедноста на објектот и пристапот до зградата во која се чува дел од националното филмско наследство е непречен.
Направена е интервенција на водоводната мрежа во Хавзи-пашините конаци и се презедоа мерки за санација на проблемот за да се спречи поголема штета.
Подготвија:
новинар: Невена Поповска
фото/видео: Александар Ивановски
монтажа: Александар Арсовски