
Претставата „Франкенштајн“ во режија на Кокан Младеновиќ ќе биде изведена на 8 октомври (среда) со почеток во 18 часот во Позориште младих Сарајево, во рамките на детската програма Мали МЕСС на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС. Годинашниот Мали МЕСС носи програма специјално креирана за тинејџерската публика, а влезниците за оваа програма се бесплатни.
Продукцијата на Театарот за деца и младинци – Скопје користи мотиви од класичната приказна за „Франкенштајн“ на Мери Шели како појдовна точка за современа сценска истражувачка авантура. Претставата поставува прашања за различноста, дискриминацијата и начинот на кој општеството ги создава своите „чудовишта“, давајќи им глас на маргинализираните и потиснатите.
Во претставата настапуваат Ангела Димитрова, Матеа Јанковска, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Никола Наковски, Наташа Петровиќ и Симона Спировска од ансамблот на театарот, а текстот е колективно создаден од Кокан Младеновиќ, Драгана Лукан Николоски, Димитрије Коканов и актерската екипа.
Креативниот тим зад претставата ги обединува Димитрије Коканов и Драгана Лукан Николоски како драматурзи, Кирил Василев како сценограф, Александра Пециќ Младеновиќ како костимограф, Лука Кантарџиев како композитор, а Никола Ристески заедно со актерската екипа се потпишуваат како автори на текстовите за музиката. За кореографијата беше задолжена Олга Панго, Соња Ставрова Кирковски и Марија Мишева се авторки на фотографијата и графичкиот дизајн на плакатот и брошурата, додека Емил Петро е автор на видеоматеријалот.
„Франкенштајн“ е современа сценска адаптација која ја спојува естетиката на куклениот театар, живата изведба и музичко-поетската експресија, создавајќи возбудливо и ангажирано сценско доживување за младата публика.
Претставата веќе бележи голем успех на домашната сцена – на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (2024) освои Награда за современа сценска драматизација и адаптација, признание кое ја потврдува нејзината оригиналност и актуелност. Со гостувањето во Сараево, Театарот за деца и младинци – Скопје продолжува да ја афирмира македонската современа театарска продукција на меѓународната сцена и да го претставува својот препознатлив сценски потпис пред младата публика во регионот.