
Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, чие 16. издание се одржа од 21 до 28 август под мотото „Кому му е гајле за реалноста?“ донесе проекции на 75 документарни остварувања на пет фестивалски локации и сто гости.

Фестивалот го отвори филмот „Бардо“ на словачката режисерка Вјера Чаканјова.
Филмот не е случајно одбран за отворање на фестивалот, затоа што зборува за пожарите што се случуваат насекаде во светот – па и кај нас и како човекот, па и животните, се справуваат со нив, вели програмскиот координатор на фестивалот Петрула Вељановска.
Документарните филмови што беа прикажани на фестивалот отвораат прашања, нè соочуваат со низа социјални, културни, еколошки предизвици и ни покажуваат како други луѓе – од крв и месо како самите нас – се справуваат со овој свет во кој се чини дека ништо не мирува.
Документарните филмови отвораат многу прашања кои нè мачат сите нас, од автор до публика, соочувајќи нè со низа на социјални, културни, безбедносни, како и проблеми поврзани со животната средина. Затоа, тие стануваат сè поважни во светот на филмот денес, претставувајќи своевиден документ за реалноста, каде што преку снимен и архивски материјал, доаѓајќи во допир со многу лични приказни и искуства освестуваме многу наши лични процеси и добиваме можност да ја споредуваме нашата реалност со реалноста на минатите генерации, дури и да ја претпоставиме реалноста на идните генерации. Тие се слика и прилика преку кои можеме да видиме како авторот, па и обичниот човек, без разлика на возраста, бојата на кожа, полот или дали доаѓа од село или град, се справува со овој свет во кој „сè тече и сè се менува, смета Вељановска.
По „МакеДокс“ разговаравме со Вељановска за впечатоците, премиерите, младите и документарниот филм, патувачкото кино…

Штотуку заврши 16. издание на фестивалот на документарен филм „МакеДокс“. Да ги сумираме впечатоците, колку сте задоволни од сработеното? Што би издвоиле како најголем впечаток?
Секако дека сме задоволни, и многу среќни дека фестивалот помина во најдобар ред, со многу гости кои со насмевка си заминаа од фестивалот и ни рекоа дека би сакале пак да се вратат… Од публиката и од посетителите на фестивалот, исто така, имаше многу убави реакции, сите ни честитаа на отворањето со изразот „ај, за многу години“, а на затворањето на фестивалот со „ајде, живи – здрави, до година пак“, ко впрочем да се работи за некоја слава или веселба… Во секој случај, чувството е секако убаво и позитивно, зашто сепак овој фестивал е некој вид на славење на документарниот филм и киното, каде во прегратките на Куршумли ан и Сули ан, и под отвореното небо на платото на Музејот на Македонија, може да ги видите најдобрите остварувања од документарната светска сцена, да проследите мастер класови и работилници, разговори и настани од врвни професионалци, кои знаат што зборуваат, зашто нивното искуство е огромно и навистина е привилегија да се видат и чујат во живо, така што најголем впечаток, оваа година, ми остави дека МакеДокс како фестивал расте не само во нашите срца, како организатори на фестивалот, туку и во срцата и очите на нашата сè побројна публика и тие сè повеќе го чувствуваат фестивалот како свој, како дел од нивниот живот, нешто кое со нетрпение и радост го очекуваат… а тоа нам ни е најголема награда за сработеното.
Публиката на ова издание имаше можност да проследи две македонски премиери. Сметате ли дека документарниот филм е во подем?
Да, секако, и тоа не само две, имаше и голем број на кратки македонски документарни филмови, така што на ова издание на МакеДокс прикажавме 7 документарни филмови кои се македонска продукција или копродукција со други земји… Тука, секако, е филмот „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, кој е македонско-словенечко-француска копродукција, а и филмот на Стефан Малешевиќ „Земја и Крилја“, кој е српско-македонска копродукција и кој ја доби главната награда „Кромид“ на годинешното издание на МакеДокс, поради што сме особено среќни, зашто врвни професионалци од светот на филмот кои се во жиријата, веќе ги препознаваат нашите документарци од Македонија и регионот како дел од светската документарна сцена, ги наградуваат, сериозно разговараат за нив и препознаваат квалитет… а тоа доволно покажува дека документарниот филм е во подем, не само во светот и Европа, каде што веќе одамна документарните филмови добиваат награди на престижните светски филмски фестивали како Берлинале, Венеција и др., каде што рамо до рамо се борат за награда со играните филмови, туку и овде кај нас режисерите и авторите веќе се повеќе го сфаќаат документарниот филм сериозно и уште еден начин да се изразат креативно.
Но, она што е најинтересно и важно за нас е, исто така, дека овие филмови се снимани овде, во Македонија, на падините на нашите планини, во нашите села и раскажуваат приказни на луѓе од овде, што покажува дека Македонија е сè уште извонреден извор на инспирација за снимање на документарци, а тоа го покажуваат и сè поголемиот број на пријавени документарни филмови од домашни автори, од кои оваа година ги издвоивме филмовите „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази и „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов.

Три нови документарни остварувања на учесници во школата за филм „Докуникулци“ на „МакеДокс“ беа прикажани годинава. Како гледаат младите на документарниот филм?
Со оглед на тоа што ова беше седмата генерација на документарната школа на МакеДокс – „Докуникулци“, доволно покажува дека интересот на младите, дури од средношколските денови, за документарниот филм и киното воопшто е огромен… Тие секогаш со радост ни помагаат и доаѓаат на фестивалот, а некои и на Патувачкото кино, а во текот на целата година работат со своите ментори на своите филмови што сме ги одбрале за реализација стекнувајќи искуство во секој сегмент од создавањето на филмското дело (пишување тритмент, пичинг, снимање, камера, монтажа, продукција, па сè до правење постер и презентирање на својот филм на МакеДокс и на други фестивали). Тоа што премиерите на нивните филмови на МакеДокс се секогаш распродадени покажува колку е голем интересот за документарен филм, не само кај нив, кои се директни учесници во процесот, туку и кај нивните другарчиња, кои сесрдно ги поддржуваат и со возбуда чекаат да ги видат нивните дела, а некои од нив под инспирација на сето ова, стануваат и дел од нашата следната генерација на „Докуникулци“.
Мотото на фестивалот беше „Кому му е гајле за реалноста?“. Порака е пратена, но дали има слух за истата?
Па, ние се надеваме дека пораката како и документарните филмови кои беа дел од програмата и најјасно ја презентираа оваа порака, допре до таму каде што треба, а и до сите луѓе и на тој начин нè поттикна да размислуваме кон каде одиме, што треба да промениме и на личен и на глобален план, да сфатиме дека ние сме тие кои ја креираме нашата реалност и дека во голем дел таа зависи и од нас самите. Со оглед на тоа дека оваа година, имаше голем интерес за филмовите и речиси секоја вечер публиката со особено внимание ги следеше документарците кои нè соочуваа со општествени, социјални, културолошки, еколошки, безбедносни, како и проблеми поврзани со животната средина, мислам дека слухот и свеста за овие предизвици сè повеќе се развива, а документарните филмови се вистинска креативна сила која покренува многу состојби и емоции во сите нас, каде што преку снимен и архивски материјал, доаѓајќи во допир со многу лични приказни и искуства освестуваме многу наши лични процеси и добиваме можност да ја споредуваме нашата реалност со реалноста на минатите генерации, дури и да ја претпоставиме реалноста на идните генерации. Документарните филмови отвораат многу прашања кои нè мачат сите нас, затоа велиме дека тие се слика и прилика преку кои можеме да видиме како авторот, па и обичниот човек, без разлика на возраста, бојата на кожа, полот или дали доаѓа од село или град се справува со овој свет во кој „сè тече и сè се менува“ и „каде што не може двапати да се влезе во иста река“, како што тоа уште многу одамна го заклучил философот Хераклит.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ е веќе препознатлив бренд. Веќе имаше проекции во Кочани, се планираат ли и во други градови?
МакеДокс патувачкото кино е една кино иницијативна која ја започнавме во исто време со фестивалот и која со многу љубов и внимание ја реализираме, сè со цел да допреме до најоддалечените места во Македонија и на жителите таму да им приредиме еден возбудлив настан со нас и нашето кино, а богами и тие знаеле да нè изненадат со своето гостопримство, приредувајќи ни ручек со нивните домашни производи во селската црква или топло добредојде сретсело каде ни ги раскажуваат своите приказни долго во ноќта… така во една синергија МакеДокс со локалните жители изградија еден препознатлив бренд, кој се надевам дека е на радост и на нас и на цела Македонија. Секоја година МакеДокс одбира еден регион од Македонија низ кој што патува со своето магаре натоварено со филмови и ги посетува локалните жители. За жал, оваа година, со оглед на ситуацијата, одлучивме да нè патуваме со нашето магаре и да го стационираме нашето патувачко кино во Кочани, за да им дадеме поддршка на локалните жители и младите луѓе таму на начинот кој ние најдобро го знаеме, а тоа е преку филмот и киното, верувајќи дека со своето присуство таму барем за момент ќе ги пренесеме во една реалност која нуди повеќе надеж.
Разговараше: Невена Поповска
фото: приватна архива