
„Дедо Мраз ослабел?” и „Заспаната добрина”, се двете детски новогодишни претстави што за нашата најмала публика ќе се играат на 25, 26, 27 и 30 декември на големата сцена на Драмски театар Скопје.
Претстава „Дедо Мраз ослабел?” со многу хумор и топлина ги учи децата дека: „Вистинската магија не е во мешето, туку во срцето”. Станува збор за весела, динамична и едукативна претстава што преку многу смеење, песна и интеракција со децата ја носи празничната порака за прифаќање, добрина и верба во магијата на Новата година. Сè започнува кога Дедо Мраз, во пресрет на празникот, се буди и со ужас открива дека – ослабел еден тон! Неговите елфови, Бобо и Гого, се обидуваат со сите можни рецепти (од сарма до круши) да го вратат во форма, но без успех. Се чини дека магијата е исчезната, а радоста на децата избледена. Причината се открива кога се појавува Чичко Мраз – поранешен пријател на Дедо Мраз, кој сакал да стане новиот носител на празничната титула. Со љубомора и тага, тој фрлил магија што му ја одзела радоста и енергијата на Дедо Мраз. Токму тогаш, децата од салата се вклучуваат во мисијата за спас – преку песни, игри и смеење, тие му ја враќаат вербата во себе и во светот. На крајот, магичниот збор „извини“ ја враќа новогодишната магија, а Дедо Мраз повторно станува радосен и подготвен да ги раздели подароците.
Во претставата играат актерите на продукцијата „Театар за тебе”: Изабела Јакимова, Гоце Андонов, Ане Блажовски и Ангела Лефкова. Техничка поддршка: Сара Томевска.

“Заспаната добрина” е новогодишна детска претстава исполнета со хумор, авантура и важни воспитни пораки. Приказната ги следи Рудолф, Милан и Баба Мразица, кои се подготвуваат за Новата година, сѐ додека не се појави непослушното девојче Тина, решено да ја уништи новогодишната магија. Но зад нејзината „лошотија“ се крие нешто многу подлабоко – осаменост, тага и желба некој конечно да ја слушне. Кога Тина ќе ја киднапира Баба Мразица, Милан и Рудолф тргнуваат во спасувачка мисија. Преку игри, музика, шеги и интеракција со публиката, децата откриваат дека не постојат лоши деца, туку само деца кои имаат потреба од внимание, пријателство и љубов. Претставата ја нагласува важноста на: пријателството и заедништвото, здравите навики, емпатијата.
Претставата е продукцијата на ансамблот „Театар за тебе”. Улогите ги играат актерите: Јанка Лефкова, Јана Вељановска, Мина Јелушиќ Јериниќ, Никола Милошевски и Милан Петровски. Техничка поддршка: Христина Лалевиќ.
Времетраење на претставите е 45 минути. Билетите по цена од 250 денари може да се купат на билетарницата на Драмски театар Скопје.

Македонски








