
Големата книжевна акција „Априлско разлистување“ на „Матица македонска“, која поради огромниот интерес и по барање на читателите беше продолжена до 10 мај, влегува во завршните три дена. До недела, љубителите на книгата имаат уште една можност да изберат наслови од богатата продукција на „Матица“, достапни со големи попусти.
Во акцијата се вклучени повеќе од 300 наслови: странска белетристика, дела од македонски автори, преводи од светската книжевност, монографии, книги од областа на културата, историјата, уметноста, духовноста и други сфери на читателскиот интерес. Понудата е осмислена за различни читателски интереси – за оние што бараат современ роман, македонска книжевност, книга за подарок, репрезентативно монографско издание или ново читателско откритие.
Книжарницата на „Матица“ е отворена денес, во петок, од 10 до 17 часот, а во сабота од 9 до 16 часот. Понудата е достапна и онлајн, преку веб-страницата www.matica.com.mk, каде што книгите може да се нарачаат и во недела.
Големиот одзив за „Априлско разлистување“ уште еднаш потврдува дека и во вакво време, македонските читатели ја препознаваат вредноста на добрата книга. Интересот за акцијата покажува дека книгата не е споредна потреба, туку траен дел од личниот, семејниот и културниот простор – нешто што се избира, се подарува, се чита и се чува.
„Априлско разлистување“ се реализира во годината кога „Матица македонска“ одбележува 35 години постоење. Во изминатите три и пол децении, „Матица“ ја гради својата препознатлива мисија: книгата да биде достапна, присутна и жива – книга во секој дом.
Последните три дена од акцијата се можност за средба со книги за својата библиотека, за подарок и за нови читателски откритија.

Македонски




