Skip to main content

„Антолог“ објави три сликовници од украински автори

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје објави три сликовници на македонски јазик од украински автори: „Кој ќе го направи снегот?“ од Тарас и Марјана Прохаско, „Подарок“ и „Најсреќното лавче“ од Олександр Шатохин.

Овој избор на книги за деца преведени на македонски јазик е со поддршка од Програмата за поддршка на преводи „Translate Ukraine“. Сите три книги се исполнети со живописни илустрации и внимателно разработени приказни кои преку магијата на зборовите поттикнуваат љубопитност, креативност и љубов кон природата и животот. Преводот од украински на македонски јазик го направи Вера Чорниј-Мешкова.

Како што информира „Антолог“, „Кој ќе го направи снегот?“ е прва книга за деца на Тарас Прохаско, потврден украински автор кој е добитник на наградите „Детска книга на годината BBC“ и „ЛитАкцент на годината“ (2013). Книгата раскажува за близначките кртчиња Полже и Мурка, кои откриваат нови авантури и ја запознаваат магијата на пријателството, грижата и домашната удобност. Книгата на прекрасен начин нè потсетува дека светот е секогаш поголем и поубав отколку што можеме да го видиме од нашиот сопствен агол.

„Подарок“, како што се наведува, е топла новогодишна приказна. Зајачето го следи мистериозниот подарок кој паднал на неговиот покрив. Преку патувањето за откривање на сопственикот, читателите ќе уживаат во божиќното чудо и магијата на соништата кои се остваруваат.

Во „Најсреќното лавче“, лавчето сонува да стане музичар, но неговиот татко сака да стане крал на ѕверовите. Оваа приказна ги поттикнува децата да ги следат своите соништа, да се борат за нив и да ја откријат убавината на самостојното истражување на светот.

Тарас Прохаско (1968) е украински писател и новинар, дипломиран ботаничар, добитник на повеќе книжевни награди. Автор е на десетина книги за деца и за возрасни.

Марјана Прохаско (1976) е преведувачка и илустраторка, со прва книга за деца како коавтор и илустраторка.

Олександр Шатохин (1988) е познат украински илустратор и автор на книги за деца, чии дела биле вклучени во меѓународни избори и наградени за најдобар дизајн. По образование е педагог.

Книгите се достапни во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

Поврзани вести