Skip to main content

Условна казна затвор за скопјанец оти пишувал против Парадата на гордоста

Парада на гордоста во Скопје, 2019 година

Условна казна затвор во траење од една година му изрече Кривичниот суд на 30-годишен скопјанец, обвинет за ширење омраза кон маргинализирана група, коментирајќи објави на социјалните мрежи кои се однесувале на Парадата на гордоста.

Пресудата, како што информираат од Обвинителството, е изречена врз основа на признание на вина од страна на обвинетиот, кој прифатил дека делото кое му се става на товар го сторил во време, место и на начин како што беше опишано во поднесеното обвинение – односно дека од својот профил на социјална мрежа коментирал на објави кои се однесувале на организација на т.н. Парада на гордоста во Скопје, во кои повикувал на насилство и поттикнувал омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата.

Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по поднесен Обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство Скопје, донесе пресуда со која лицето е осудено за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.

Пресудата е изречена на единствено рочиште врз основа на признание на вина од страна на обвинетиот, кој прифати дека делото кое му се става на товар го сторил во време, место и на начин како што беше опишано во поднесеното обвинение. Врз основа на тоа, Судот ја утврди како неспорна фактичката состојба дека сега осудениот на 26.02.2022 година, преку компјутерски систем во јавноста ширел репрезентации на идеи кои поттикнуваат омраза против маргинализирана група. Од својот профил на социјална мрежа, 30-годишниот скопјанец коментирал на објави на еден информативен портал, кои се однесувале на организација на т.н. Парада на гордоста во Скопје. Во коментарите повикувал на насилство и поттикнувал омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата како припадници на маргинализирана група врз основа на сексуална ориентација, се вели во соопштението од Обвинителство.

За стореното, Судот го огласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од 1 година, која нема да се изврши доколку за време од една година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. 

Од ОЈО Скопје информираат дека активно го следи постапувањето во предмети за заштита од омраза и дискриминација, за што е назначен посебен јавен обвинител. 

Поврзани вести